ЕК препорача отворање на границите на ЕУ со западниот Балкан од 1 јули


Европската комисија (ЕК) им препорачува на земјите членки на ЕУ да одобрат отворање на границите со земјите од Западен Балкан од први јули, со оглед на добрата епидемиолошка состојба на регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската комисија препорачува внатрешните граници на ЕУ да почнат постепено да се отвораат и граничните контроли да запрат од 15 јуни, а привремените рестрикции за несуштински патувања да се продолжат до 30 јуни во ЕУ, со оглед на подобрениот епидемиолошки тренд ширум Унијата.

Што се однесува до третите земји, Европската комисија смета дека одлуката за влезот на граѓаните зависи од епидемиолошката ситуација во земјата за која станува збор и дека не може во овој момент да се препорача целосно отворање на надворешните граници на ЕУ за сите.

Таа одлука меѓутоа не важи за земјите од Западен Балкан.

Како што изјави еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, земјите од регионот се изземаат затоа што со нив ЕУ има посебно блиска соработка, но и затоа што „епидемиолошката состојба е иста, ако не и подобра“ на Западниот Балкан отколку во ЕУ.

-Комисијата изрази подготвеност западниот Балкан да биде одблиску асоциран во спроведувањето на заедничкиот европски патоказ за укинување на рестриктивните мерки за Ковид-19, стои во препораката на ЕК.

ЕК потсетува дека Унијата е посветена да помогне за економското закрепнување на регионот по оваа криза, и дека е важно да се зајакне поврзаноста на регионот со европскиот пазар.

-Епидемиолошката состојба во овој регион е иста или подобра отколку во ЕУ. Вкупниот број случаи во целиот регион е значајно помал отколку во ЕУ. Притоа, со оглед на важноста на регионот во однос на транспортот, рестартирањето на туристичките активности, Комисијата препорачува да се укинат рестрикциите на надворешните граници на ЕУ за земјите од овој регион штом истече рокот на тековната екстензија, односно 1 јули 2020, препорача ЕК.

Препораката на ЕК треба да биде одобрена од земјите членки во наредните денови.