ЕК предлага мерки за намалување на штетното влијание на транспорт врз животната средина


Европската комисија предложи мерки за намалување на емисиите на штетни гасови во транспортниот сектор, преку создавање на поефикасен и поодржлив товарен транспорт, подобро управувањето со железничката инфраструктура, давање поголеми стимулации за еколошки камиони и подобрување на информациите за степенот на емисии на стакленички гасови во товарниот транспорт.

Целта на ваквите мерки, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, е да се зголеми ефикасноста во секторот и да се придонесе за остварување на целта за намалување на емисиите на штетни гасови од транспортот за 90 проценти до 2050 година, согласно предвиденото во Европскиот зелен договор, но истовремено и да се овозможи натамошен раст на единствениот пазар на ЕУ.

Предложената регулатива има намера да ја оптимизира искористеноста на железничката инфраструктура преку подобра прекугранична координација и привлекување повеќе товарни компании во железницата. 

– Од дополнителните железнички услуги корист ќе имаат патниците, бидејќи капацитетот на мрежата ќе биде подобро искористен и ќе се подобрат услугите, меѓу другото, и преку овозможување повеќе железнички линии и порано резервирање билети, посочува Комисијата.

Францускиот институт за статистички и економски студии (ИНСЕЕ) ги потврди црните предвидувања за француската економија. Епидемијата ќе тежи многу за економијата и шокот може да биде поголем о

Според статистичките податоци, околу 50 проценти од железничките товарни транспорти се прекугранични, а лошата координација доведува до застој на границите, доцнење и го попречува функционирањето на единствениот пазар. 

Предложените мерки за подобра искористеност на капацитетот на железничката инфраструктура се надоврзуваат на Проектот за промена на возниот ред, со цел подобро да се одговори на различните потреби на железничкиот сектор.

Регулативата предвидува и нови стимулации за користење камиони што емитуваат ниско ниво на штетни гасови, имајќи предвид дека над 50 проценти од стоките во ЕУ се транспортираат со камиони, со што овој транспорт го прави еден од водечите придонесувачи за емисиите на стакленички гасови. 

Со новите мерки се ревидираат правилата за максимална тежина и димензии на товарните возила, овозможувајќи дополнителна тежина за возилата што користат технологии со нулта емисија на штетни гасови, за да се стимулира употреба на поеколошки возила. 

– За да се поттикне интермодалниот транспорт со стандардизирани карго контејнери, на камионите, приколките и полуприколките ќе им биде дозволено да носат дополнителна тежина, додека дополнителната висина ќе го олесни транспортот на високи контејнери со стандардни возила, се додава во регулативата.

Дополнително се поттикнува производство на товарни возила со поаеродинамични кабини, вградување уреди за заштеда на енергија и подобрување на удобноста и безбедноста на возачите.

Комисијата дополнително предлага и заеднички методолошки пристап да пресметување на емисиите на стакленички гасови од страна на компаниите. Предложената методологија се заснова на неодамна усвоениот стандард ИСО/ЦЕН за квантификација и информирање за емисиите на стакленички гасови кои произлегуваат од транспортот на патници и стоки. 

– Веродостојните податоци за емисиите ќе им овозможат на операторите да ги компарираат нивните услуги, а на потрошувачите да направат соодветен избор за опциите за транспорт и испорака, посочува Европската комисија.

Во следната фаза предлозите на Европската комисија треба да бидат разгледани од Европскиот парламент и Советот на ЕУ, согласно вообичаената законодавна процедура.