ЕК предлага единствен полнач за електронските направи


Белгија– Европската Комисија денеска поднесе измени на законодавството кое ќе овозможи да се воведе единствен полнач за електронски направи со цел да се намали електронскиот отпад, јави дописничката на МИА од Брисел.

Предлог законот треба да овозможи да се заштедат 250 милиони евра годишно, рече денеска еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон.

УСБ-Ц ќе стане стандарден за смартфони, таблети, камери, звучници и видео игри, доколку се усвои предлогот на Европската Комисија.

Целта на предлогот е исто така да се олесни секојдневието на потрошувачите.

Европската Комисија не бара да се укинат другите полначи, туку сите направи да го имаат заедничкиот УСБ-Ц излез за да може да се користи единствениот полнач.

-Со сѐ повеќе направи, ни се продаваат сѐ повеќе полначи кои не се потребни, ставаме крај на ова, со нашиот предлог европските потрошувачи ќе можат да користат единствен полнач за сите нивните електронски направи, ова е важен чекор за зголемување на комфорот и намалување на отпадот, рече Бретон.

Европскиот Парламент и Советот на ЕУ треба сега да ги прифатат овие законски измени. Откако ќе бидат одобрени индустријата ќе има период од две години за да се прилагоди.

Според податоците на Европската Комисија минатата година се продадени 420 милиони мобилни телефони и електронски направи, а 38 отсто од потрошувачите пријавиле проблеми со употребата на полначите. Оваа ситуација ги чини европските граѓани 2,4 милијарди годишно, додека старите полначи ја чинат животната средина 11 илјади тони отпад годишно.

Еврокомесарот за индустрија, Тиери Бретон негираше дека предлогот за воведување единствен полнач за сите електронски направи е поврзан со Епл, јави дописничката на МИА од Брисел.

На прес конференција во Брисел попладнево, еврокомесарот за индустрија одговори на прашање дали оваа одлука ќе претставува проблем за Епл.

– Повеќе пати се видов со Тим Кук и никогаш не го покренал ова прашање, ова не го загрижува многу Епл, одлуката не е насочена против нив, ниту против кого било, ние работиме за рок од 10, 20 години, не за сегашниот момент, а впрочем Епл веќе користи УСБ-Ц протокол за многу производи како ајпадот и лаптопи, и не верувам дека ова ќе предизвика проблеми, рече Бретон.