ЕК подготвува закон против кинески компании


Германскиот весник Зидојче Цајтунг пишува дека Европската комисија подготвува предлози што треба да ги заштитат европските компании од нелојална конкуренција од Кина.

Како еден од примерите, се наведува мостот Пељешац, кој го градат кинески компании со средства од ЕУ, пренесува порталот Индекс.

Европската комисија во средата претстави законодавен проект чија цел е да се овозможи забрана компаниите од ЕУ да бидат преземани од компании субвенционирани од трети земји. Покрај тоа, компаниите поддржани со државни пари, исто така, треба да бидат исклучени од тендерите за јавни договори.
Во Германија, кинеските преземања на европските компании се особено контроверзни.

На пример, имаше многу критики по повеќе милијарди вредното преземање на германската компанија Кука, еден од водечките производители на роботи за индустријата. Купувач беше кинеската Мидеа.

Кај јавните договори, фактот дека кинески конзорциум доби договор за изградба на важен мост во јужна Хрватска (мостот Пељешац) предизвика дебата. Голем број големи европски компании го пропуштија тендерот, а потоа се пожалија на нелојална конкуренција, според Индекс.

Предлогот на Комисијата посебно предвидува пред големо преземање, странските компании во иднина да мора да обелоденат дали во последните неколку години добиле повеќе од 50 милиони евра државни субвенции. Ова потоа би се однесувало на сите преземања на компании со обрт од 500 милиони евра или повеќе.

При аплицирање за јавни договори, во иднина ќе треба да бидат објавени државни субвенции со обем на договорот од 250 милиони евра или повеќе. Покрај тоа, органите за конкуренција на ЕК сакаат да бидат во можност самоиницијативно да истражуваат преземања и доделување на договори под одреден праг.

Дали предлогот ќе се спроведе на ист начин сега зависи од владите на земјите-членки на ЕУ и од Европскиот парламент. За законот ќе се дискутира во наредните месеци, а потоа тие ќе треба да одлучат за неговото усвојување, според Зидојче Цајтунг.