ЕК отвори пет постапки за прекршување против Бугарија во области од перење пари до енергетика
Европската комисија денеска објави информации за текот на пет постапки за прекршување против Бугарија во областите на енергетиката, перењето пари, наркотиците, правата на потрошувачите и заштитата на животната средина, јави БТА.
Комисијата отвора постапки за прекршување против Бугарија, Белгија, Чешка, Германија, Естонија, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Кипар, Литванија, Луксембург, Холандија, Австрија, Полска, Португалија, Романија и Финска поради непочитување на рокот за целосно воведување на заедничките правила за борба против перењето пари, кој истече на 10 јули.
Со промените се предвидува земјите од ЕУ да обезбедат пристап до регистрите на вистинските сопственици за надлежните власти, саморегулаторните тела, обврзаните субјекти и лицата со законски интерес.
Овие промени се насочени кон надминување на слабостите во европскиот финансиски систем, со цел сите земји од ЕУ да ги применуваат правилата доследно и ефикасно, се наведува во соопштението.
Довербата на инвеститорите и на пошироката јавност во финансиските пазари во голема мера зависи од точниот систем за објавување информации, кој обезбедува транспарентност во однос на вистинските сопственици и структурите за контрола на компаниите. Точните и ажурирани информации за вистинските сопственици се од клучно значење и за органите за спроведување на законот.
Досега 18 земји во ЕУ не известиле за целосно воведување на правилата во предвидениот рок. Доколку не добие задоволителен одговор во рок од два месеца, ЕК може да одлучи да ја продолжи постапката за прекршување.
Комисијата исто така започнува постапки за прекршување против Бугарија, Хрватска, Кипар, Холандија, Португалија, Романија, Словенија и Словачка поради непочитување на рокот до 12 јули за воведување на новите психоактивни супстанции во дефиницијата на ЕУ за „наркотик“ во нивното национално законодавство.
Со овие измени во европското законодавство беа воведени три нови психоактивни супстанции — 2-MMC, NEP и 4-BMC — кои ќе бидат опфатени со правилата за кривични дела и казни за незаконска трговија со наркотици.
Тоа ќе помогне за усогласување на националните мерки за контрола и за зајакнување на прекуграничната соработка меѓу органите за спроведување на законот и судските власти, појаснува Комисијата. Доколку не добие задоволителен одговор во рок од два месеца, ЕК може да одлучи да ја продолжи постапката.
Комисијата отвора постапки за прекршување и против Бугарија, Белгија, Чешка, Естонија, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Кипар, Летонија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словенија и Шведска, откако овие земји не известиле до 31 јули за воведувањето на новите европски правила за поправка на производите.
Според овие правила, граѓаните на ЕУ добиваат право да бараат поправка на производи како паметни телефони, машини за перење или фрижидери, дури и по истекот на законската гаранција. Производителите се должни да понудат таква услуга по разумна цена и во разумен рок.
Правилата имаат цел да придонесат за ограничување на загадувањето на животната средина. Доколку не добие задоволителен одговор по два месеца, ЕК може да ја продолжи постапката за прекршување.
Покрај ова, Комисијата започнува постапки против сите земји од ЕУ за да ги поттикне целосно да ги воведат новите правила за справување со загадувањето од индустриските постројки.
Овие правила имаат цел да ја ограничат употребата на опасни хемикалии и воведуваат ново право на надомест за штета врз здравјето предизвикана од незаконско загадување. Рокот за воведување на новите правила истече на 1 јули, а доколку не добие задоволителен одговор во рок од два месеца, ЕК може да одлучи да ја продолжи постапката.
Конечно, Комисијата отвора постапки за прекршување против Бугарија, Белгија, Чешка, Данска, Германија, Естонија, Ирска, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Кипар, Летонија, Литванија, Луксембург, Унгарија, Малта, Холандија, Австрија, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Словачка, Финска и Шведска, откако овие земји не ги вовеле навреме во националното законодавство правилата за пазарот на водород.
Наведените земји не известиле за целосното воведување на европските правила, усвоени во 2024 година, со кои беше олеснето навлегувањето на обновливи и нискојаглеродни гасови, вклучително и водородот.
Земјите од ЕУ требаше да ги воведат новите правила до 5 август, а само Италија го испочитува рокот, се наведува во соопштението.
Доколку во рок од два месеца не добие задоволителен одговор, ЕК може да ја продолжи постапката за прекршување.