ЕК одобри исплата на 106 милиони евра државна помош за доизградба на гасниот терминал во Александруполи


ЛНГ терминалот во Александропулис

Европската комисија го одобри барањето на Грција за исплата на државна помош од 106 милиони евра за поддршка на доизградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот пристанишен град Александруполи, на кој преку гасовод треба да се приклучи и Северна Македонија. 

Како што соопшти денеска Еврокомисијата, одобрението е издадено согласно Правилата на ЕУ за исплата на државна помош за развој на одредени економски проекти и Препораките за државна помош за заштита на климата и животната средина и за енергија. Ова е второ барање на Атина за дозвола за исплата на државна помош за терминалот во Александруполи, по она одобрено од страна на ЕК во јуни 2021 година. 

– Грчките власти ја известија Комисијата за нејзините планови да и додели дополнителна помош на „Гастрејд СА“, промотор и оператор на новиот терминал. Мерката има за цел да му овозможи на корисникот да ја заврши изградбата на терминалот како што е планирано до крајот на 2023 година. Помошта ќе биде во форма на директен грант, се додава во соопштението. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Европската комисија процени дека проектот е потребен за да се обезбеди снабдување со гас на Грција и на регионот на Југоисточна Европа и дека ќе придонесе за реализација на стратешката цел на програмата „РЕПауерЕУ“ за обезбедување диверзификација на изворите на енергија и ставање крај на зависноста од руски фосилни горива. 

– Комисијата заклучи дека позитивните ефекти од мерката ги надминуваат сите можни негативни последици врз конкуренцијата и трговијата во ЕУ, се додава во соопштението.