ЕК одобри германската Влада да компензира 2,6 милијарди евра поради предвремено затворање електрани на јаглен


Европската комисија одобри компензација во вредност од 2,6 милијарди евра  од страна на германската влада за снабдувачот со енергија RWE за предвремено затворање електрани на јаглен, jави ДПА.
Анализите покажаа дека исплатите се во согласност со правилата за државна помош на Европската унија, се вели во соопштението на Комисијата.

Компензацијата ќе придонесе за декарбонизација на економијата во согласност со целта на ЕУ да стане јаглеродно неутрална до 2050 година, наведе ЕК.

Германија треба постепено да ја укине електричната енергија произведена од јаглен до 2038 година. За да го поттикне предвременото затворање на рудниците за лигнит, Берлин планира да им плати на операторите милијарди компензација.

Покрај 2,6 милијарди евра наменети за RWE за затворање на ископи за јаглен во Рајнската област, енергетската компанија LEAG може да се надева на 1,75 милијарди евра за затворање на своите ископи во регионот Лаусиц.