ЕК: Не ја доведувајте во прашање ЕУ, ќе ја победиме и оваа криза

Портпаролот на Европската комисија Ерик Мамер изјави денеска дека ЕУ во околностите предизвикани од Ковид-19 работи на „принципите на демократијата и дијалог“ за да се дојде до заедничка стратегија за надминување на кризата.

Мамер ги отфрли инсинуациите на одделни службеници, јавноста и медиуми во Европа, кои предупредуваат на можноста за распад на Унијата заради неактивноста на заедничките институции и недостиг на солидарност меѓу земјите-членки.

-Не знам зошто секогаш ја ставате во прашање ЕУ? ЕУ веќе беше во многу кризи во поновата историја и секогаш победи. Ние работиме да ја надминеме оваа криза врз основа на европските вредности, како демократски земји кои се навикнати да дискутираат и да се спротивстават на мислењата со цел да најдат начини за заедничко дејствување, рече Мамер.

Портпаролот на Европската комисија додаде дека земјите-членки имаат своја визија за излез од кризата и дека дебатите се нормална појава во која било демократија.

-Убеден сум дека ќе излеземе од ова, истакна Мамер.