ЕК: Јасна победа на проевропските сили во Шпанија


Претседателот на Европската комисија ќе му честита во текот на денот на победникот на вчерашните шпански избори, премиерот Педро Санчез, најави портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас.

Европската комисија смета дека изборите во Шпанија покажаа дека шпанскиот народ се изјаснил за Европската унија и покрај порастот на екстремната десница, партијата Вокс.

-Она што резултатите го покажуваат е дека огромно мнозинство на шпанскиот народ ги избра проевропските политички партии, односно 90 отсто, истакна денеска Схинас.

Тој најави дека претседателот на Европската комисија во текот на денот ќе му испрати писмо на сегашниот премиер од редовите на социјалдемократите, Педро Санчез, во кое ќе му честита за „јасната победа“.

Иако е во видливо водство, партијата на Санчез нема доволно гласови за да формира стабилна влада и ќе мора да коалицира со другите партии.

-Уверени сме дека согласно уставната процедура во Шпанија, Санчез ќе може да формира стабилна проевропска влада која ќе и овозможи на Шпанија да игра важна улога во Европската унија, рече портпаролот на Европската комисија.