ЕК ја запре испорака на десет милиони маски набавени од Кина


Откако властите на Полска и Холандија соопштија дека од Брисел им биле доставени заштитни медицински маски кои не ги исполнуваат европските стандарди за квалитет, Европската комисија ја запре испораката на цел контингент маски, набавени за да им помогнат на земјите членки во борбата со Ковид-19.

Заштитните маски биле набавени од Кина, купени со средства на ЕУ и доставени преку инструментот за итни случаи на ЕУ.

– Добивме пријава од полските власти , а и Холандија утврди сличен проблем. Сите земји членки се повикани да не известат за квалитетот на добиените маски, а одлучивме и да ги прекинеме понатамошните испораки, изјави портпаролот на Комисијата, Стефан де Керсмакер.

Европската комисија потенцира дека е клучен квалитетот на маските што ЕУ ги набавува за здравствениот сектор и наведува дека ќе почека за информации од други земји членки кои добиле прва рунда маски пред да се одлучи за понатамошни чекори и можни правни процедури за да ја надомести штетата.

Земјите членки што добија несоодветни маски треба да одлучат што ќе прават со нив и да го известат Брисел за тоа, нагласи Европската комисија.