ЕК формира Сојуз за критични лекови


Телото за подготвеност и одговор на здравствените кризи на Европската комисија (ХЕРА) во вторник објави повик за изразување интерес за приклучување кон Сојузот за критични лекови, што е една од клучните мерки за спречување и решавање на недостигот на есенцијални лекови.

Сојузот за критични лекови е отворен за сите заинтересирани страни и треба да работи на зајакнување на соработката меѓу Европската комисија, владите на земјите-членки, индустријата и граѓанското општество.

Сојузот е советодавен механизам кој ќе дејствува и како мрежа за забрзување на спроведувањето на мерките на ЕУ во областа.

„Отпочнувањето на Сојузот за критични лекови е уште едно поглавје на нашата Европска здравствена унија која започнува заедничка акција за зајакнување и модернизација на производството на клучни лекови во ЕУ и диверзификација на меѓународните синџири на снабдување“, рече комесарката за здравје и безбедност на храна, Стела Киријакидес.

Киријакидес додава дека Сојузот е нов столб на европската индустрија, кој ќе помогне да се промени начинот на кој се произведуваат и набавуваат лековите во ЕУ и ќе се зголеми безбедноста на снабдувањето.

Сојузот за критични лекови, како советодавен механизам, ќе дава препораки и ќе ги советува Комисијата, земјите-членки и другите носители на одлуки на ЕУ за тоа како да се решат долгорочниот недостиг на лекови. Врз основа на листата на есенцијални лекови на Унијата објавена од Европската агенција за лекови во декември 2023 година, акцентот ќе биде ставен на лековите со најголем ризик од недостиг и најголемо влијание врз здравствените системи и пациентите.

Сојузот за критични лекови е отворен за сите бизниси и организации, земји-членки, локални и регионални власти и нивните агенции, социјални партнери, граѓанско општество, здравствени работници, пациенти, потрошувачи и други групи, тела и агенции на ЕУ заинтересирани.

Сојузота ќе трае пет години. Се очекува да почне со работа оваа пролет и да ги објави првите препораки за мерките што треба да се преземат за подобрување на снабдувањето со клучни лекови до есен.