ЕК: Барањето на Џонсон за одложување на Брегзит е валидно, иако е непотпишано


Европската комисија денеска соопшти дека тоа што британскиот премиер Борис Џонсон не го потпишал писмото во кое бара тримесечно одложување на Брегзит, не влијае врз полноважноста на барањето, што ЕУ во моментов го разгледува.

Портпаролката на ЕК, Мина Андрееева, изјави дека претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, откако го примил барањето на Џонсон, сега се консултира со 27-те земји членки на Унијата.

Таа наведе дека ЕУ  веќе го почнала процесот на ратификација на договорот за Брегзит, постигнат минатата недела со Џонсон, пренесуваат американските медиуми.

Британскиот премиер во саботавечер испрати непотпишано писмо до ЕУ барајќи одложување на Брегзит, но одвоено упати и порака во која истакнува дека е лично против продолжување на рокот.

Џонсон испрати три документи фотокопија од нацрт текстот на законот според кој е должен да бара одложување, пропратно писмо кое го напишал службеник наведувајќи дека Џонсон бил присилен да го испрати писмото, како и пораката на Џонсон  во која истакнува дека не сака било какво продолжување на рокот, пренесоа британските медиуми.

„Сандеј тајмс“ вчера објави дека ЕУ ќе го одложи Брегзит до февруари 2020 година, доколку британскиот премиер не ја добие поддршката за својот договор.