ЕК бара од банките поголема флексибилност и да го зголемат кредитирањето


Европската комисија (ЕК) предлага банките привремено да ги релаксираат правилата со цел да го олеснат кредитирањето на деловните субјекти и домаќинствата кои се борат со последиците од кризата на коронавирусот, изјави денеска официјален претставник на ЕУ.

Доколку бидат целосно имплементирани, тие измени може да предизвикаат банките во Европа да испорачат дополнителни 450 милијарди евра заеми во економијата, изјави официјалниот претставник.

– Ние силно ги поддржуваме домаќинствата и деловните субјекти да ги минимизираат економските штети предизвикани од коронавирусот. Банкарскиот сектор може да направи одлична работа во ова, рече потпретседателот на ЕК, Валдис Домбровскис во Брисел. Поголема флексибилност, како и предложените насочени измени на регулативата, ќе им овозможат на заемодавците да одржуваат непречено обезбедување ликвидност и на тој начин да им обезбедат на домаќинствата и на деловните субјекти пристап до потребното финансирање, истакна тој.