ЕИБ: Скопје ќе ги врати европските фондови во случај на корупција


За да обезбеди долгорочна поддршка, ЕИБ подготвува портфолио на проекти во вредност од 2,3 милијарди евра

Европската инвестициска банка (ЕИБ) има механизми за враќање на средствата доколку се утврди случај на корупција, изјави Бјорн Габриел, претставник на ЕИБ во Северна Македонија за бугарски БГНЕС.

„ЕИБ има нулта толеранција за корупција и има механизми за враќање на средствата доколку се утврди случај на корупција“, нагласува Габриел во коментарот за улогата на корупцијата во апсорпцијата на европските пари во регионот.

БГНЕС потсетува дека Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и македонската влада со 560 милиони евра ја финансираат третата етапа од источната делница на железничката мрежа на Коридорот 8. Средствата овозможуваат изградба на железничка пруга од Крива Паланка до границата со Бугарија во должина од 24 километри, како и електрификација на 88 километри патот меѓу Куманово и границата. Откако ќе биде завршена, новата железничка линија ќе може да превезува околу 500.000 тони товар и половина милион патници годишно, што ќе придонесе за подобра поврзаност, одржливост и социо-економски развој во Северна Македонија и целиот регион.

Финансискиот пакет се состои од заем од 175 милиони евра од ЕИБ, 175 милиони евра од ЕБОР, грантови од ЕУ од 150 милиони евра обезбедени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и до 60 милиони евра во форма на грантови според Инструментот за Претпристапна помош.