ЕИБ обезбедува 100 милиони евра за голема соларна електрана во Романија


Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе обезбеди 100 милиони евра за изградба на соларната електрана „Дама Солар“ во округот Арад, во западна Романија, чија вкупна вредност е проценета на 728 милиони евра.

Електраната, која ја развива компанијата „Резолв енерџи“, ќе има капацитет од околу 1,3 гигавати (GWp) и се очекува годишно да произведува електрична енергија доволна за потребите на повеќе од 280.000 домаќинства, односно на речиси еден милион луѓе, со што би се вброила меѓу најголемите фотоволтаични капацитети во Европа.

„Дама Солар“ ќе биде приклучена на романската високонапонска мрежа, а нејзиното производство треба директно да го зголеми учеството на обновливите извори и да ја зајакне енергетската безбедност на земјата. Во фазата на најинтензивна изградба, во следните три години, на проектот ќе бидат ангажирани до 1.500 луѓе, што ќе донесе и дополнителни економски ефекти за регионот.

Покрај енергетскиот аспект, проектот опфаќа и мерки за заштита на животната средина, при што ќе бидат обновени околу 82 хектари природно подрачје. Дел од земјоделското земјиште со послаб квалитет ќе биде претворено во пасишта на кои вегетацијата ќе се одржува со пасење овци, со цел да се обноват деградираните степски тревници и да се создадат живеалишта за диви животни и заштитени видови птици.

Во однос на пласманот на енергијата, за 520 мегавати од капацитетот на електраната веќе се обезбедени два 15-годишни договори, додека преостанатото производство ќе се продава на пазарот и на комерцијални и индустриски потрошувачи преку долгорочни договори.