ЕИБ обезбеди 5,2 милијарди евра помош за земји надвор од ЕУ, поддршка и за Западен Балкан


За да обезбеди долгорочна поддршка, ЕИБ подготвува портфолио на проекти во вредност од 2,3 милијарди евра

Забрзано финансирање и таргетирана техничка помош за 100 држави како дел од пакетот за одговор на Тим Европа, краткорочна поддршка за инвестиции во здравството и компаниите и зголемена поддршка за фирмите засегнати од пандемијата

 

Групацијата Европска инвестициска банка, банката на Европската унија, денеска ги соопшти деталите на сеопфатниот одговор на пандемијата на коронавирусот надвор од ЕУ што ќе обезбеди до 5,2 милијарди евра во наредните месеци. Ова финансирање е дел од одговорот на Тим Европа и е поддржано со гаранции од буџетот на ЕУ. Тоа ќе ги зајакне и итните инвестиции во здравството и ќе ја забрза долгорочната поддршка за инвестициите во приватниот сектор што се одраз на потребите за финансирање во повеќе од 100 држави ширум светот.

Оваа директна поддршка по забрзана постапка ќе помогне да се зачуваат работните места и средствата за егзистенција на работниците во секторите што се најзагрозени од економските и социјалните ефекти на коронавирусот, а по потреба ќе ја следи дополнително долгорочно финансирање за здравството и компаниите.

„Пандемијата на Ковид-19 веќе погоди голем број држави и ќе има длабоки економски последици ширум светот. Многу луѓе ќе ги изгубат своите работни места и средствата за егзистенција. Оваа криза ќе ги уништи претприемачките мрежи и ќе ја влоши состојбата со постоечките ризични кредити особено во ранливите држави. Ние треба итно да покажеме дека Европа е тука за нашите партнери кога сме им потребни. Како дел од Тим Европа, банката на ЕУ во следните недели ќе ги идентификува и поддржи новите инвестиции во здравството и компаниите надвор од Европската унија. Ние ќе работиме во партнерство со Европската комисија, државите-членки на ЕУ, финансиските институции за европски развој и другите мултилатерални финансиски институции за да осигураме на јавните и приватните партнери да им се овозможи подобар пристап до финансиите што им се од клучно значење за справување со шокот од пандемијата“, изјави Вернер Хојер, претседателот на Европската инвестициска банка.

Потпретседателот на ЕИБ Дарио Сканапјеко изјави: „Со пандемијата на Ковид-19, светот се соочува со економски предизвик без преседан. Како дел од пошироките напори на Тим Европа за директно справување со кризата, ЕИБ подготви итен пакет за поддршка на МСП и здравствениот сектор од Западен Балкан за да помогне да се зачуваат животите, работните места и платите на луѓето од регионот. Досега невидените размери на кризата повикуваат на сѐевропско единство и солидарност, а ЕИБ со гордост ќе придонесе за одговорот на ЕУ со опиплива поддршка за ублажување на економските последици од Ковид-19 на Западниот Балкан.“

Во претходните денови ЕИБ ги контактираше клиентите од јавниот и приватниот сектор во повеќе од 100 држави кадешто работи надвор од Европа за да определи најефективен пристап за зајакнување на подготвеноста на јавното здравство и отпорноста на компаниите, како дел од долгорочната поддршка на ЕИБ за одржлив и инклузивен раст ширум светот.

Овој брз одговор ќе биде прилагоден да ги опфати потребите на конкретните сектори и новите локални предизвици што ќе уследат поради ширењето на коронавирусот. ЕИБ ќе обезбеди и техничка поддршка и ќе сподели секторска стручна помош за да ги зајакне и засили ефектите од новите инвестиции, се вели во соопштението до медиумите.