ЕИБ лани постави рекорди во финансирањето, а ќе игра уште поголема улога во 2025 година


Со својот проактивен и амбициозен пристап, Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) ги поттикнува пазарната интеграција и мобилизира инвестиции во услови кога постои силен моментум и силна решеност за зајакнување на конкурентноста и безбедноста на Европа, порача претседателката на ЕИБ, Надија Калвињо при денешната презентација на Извештајот за резултатите на групацијата за 2024 година.   

– Навистина со гордост денеска можам да известам за одличната работа на институцијата. Рекордни бројки во зелените финансии, енергијата, инвестициите со зголемен ризик, поддршката за кохезија на регионите и удвојување на финансирањето ба безбедност и одбрана, изјави Клавињо. 

Таа најави дека паралелно со ова ЕИБ се подготвува да ги поддржи политиките и приоритетите на ЕУ во нов мандат на нејзините институции со поголема ефикасност. 

Според неа, Групацијата на ЕИБ станала порелевантна од кога било досега, како финансиска рака на Европската Унија и клучен актер во центарот на сите стратешки дискусии, како во Европа, така и на глобално ниво.  

– Поставивме нови рекорди со нашето финансирање во 2024 година, а ќе играме уште поголема улога во 2025 година надградувајќи ги одличните перформанси на Групацијата ЕИБ за да го зголемиме нашето влијание, зајакнувајќи ја безбедноста и конкурентноста на Европа со стратешки и амбициозни инвестиции, рече Калвињо.  

Според извештајот, во 2024 година ЕИБ одвоила 89 милијарди евра за финансирање на нови проекти и мобилизирала 100 милијарди евра инвестиции за енергетската безбедност на Европа. Дури 60 отсто од средствата што ги финансирала биле наменети за проекти во зелената транзиција, климатските активности и одржливоста на животната средина, а инвестирала и рекордни осум милијарди евра за капитални инвестиции.  

Дополнително, Банаката во 2024 година обезбедила една милијарда евра за зајакнување на безбедноста и одбраната, а за оваа година планира двојно зголемување на средствата за оваа намена. 

Групацијата на ЕИБ значително ги зголемила и своите инвестиции во проекти за двојна намена, кои вклучуваат заштита на границите, воена мобилност, деминирање и деконтаминација, кибер безбедност, заштита на морското дно и критичната инфраструктура, истражување и развој на дронови.    

– За во иднина, Групацијата на ЕИБ планира да ги зголеми своите вкупни инвестиции на 95 милијарди евра во 2025 година, со иницијативи за поддршка на европските шампиони во технологијата и на програмата „ТехЕУ“, на критичните суровини, управувањето со водата, енергетската ефикасност на малите и средните компании и на промовирање на одржливо и достапно домување, се наведува во извештајот.  

Според документот, благодарение на финансиска поддршка од ЕИБ во 2024 година, во следните неколку години ќе се обезбеди напојување на речиси 15 милиони домаќинства со чиста енергија, ќе се создаде до 1,5 милиони нови работни места во Европа, ќе ги унапреди терапиите против ракот и ќе се обезбеди достапно домување „од Хрватска, до Летонија“. 

Покрај проекти ширум ЕУ, ЕИБ во Украина финансирала поправка на училишта, детски градинки и болници, надградба транспортот, заштита на енергетската инфраструктура и поддршка на приватниот сектор, во вкупна вредност од 2,2 милијарди евра од 2022 година.  

Напоредно со ова, Банката обезбедила и инвестиции во повеќе проекти во земјите кандидати за членство во ЕУ со цел поддршка на нивната стабилност и нивниот европски пат, како на пример со надградба на железниците во Албанија и Црна Гора.  

– Поддржувајќи ги глобалните приоритети на ЕУ и помагајќи да се засили гласот на Европа во светот, финансиите на Групацијата на ЕИБ, исто така, им помагаа на земјите погодени од суша, како Јордан, да обезбедат снабдувањето со вода. Благодарение на зајакнатите партнерства внатре и надвор од Европската Унија инвестициите на ЕИБ помагаат да се елиминираат болести, како детската парализа, и да се поддржи одржливата инфраструктура низ целиот свет – од Виетнам до Индија, се додава во извештајот.  

Во документот се посочува и дека во 2024 година ЕИБ ги ажурирала своите внатрешни политики и инвестициската стратегија, со цел да максимално да го зголеми влијанието и да ја зајакне поддршката за заедничките европски приоритети. Во тие рамки, меѓу другото, изработила Стратешки патоказ за фокусирање на ресурсите за инвестиции во проекти согласно приоритетите на политиките на ЕУ, ја зајакнала поддршката на безбедноста и одбраната, иницирала активности и предлози за намалување на бирократијата и подготвила Акциски план за подобрување на транспарентноста, одговорноста и благосостојбата на работните места. 

За оваа година ЕИБ планира 60 отсто од инвестициите да биде наменети за „зелени проекти“, зголемена поддршката за новите технологии, вклучително и на вештачка интелигенција, чиповите, квантните компјутери со високи перформанси и здравствените  истражувања, удвојување на поддршката за одбранбената индустрија во Европа, зголемено финансирање на достапното и одржливо домување, поголеми инвестициите во проекти поврзани со критичните суровини, во зајакнување на отпорност од поплави и во справување со недостигот на вода, зголемена поддршка за европските земјоделци и програма од 2,5 милијарди евра за енергетска ефикасност на малите и средни претпријатија, со цел намалување на емисиите на јаглерод диоксид и на трошоците за електрична енергија.  

Групацијата на ЕИБ е финансиска институција на Европската Унија, во сопственост на земјите членки на блокот. Таа ги поддржува инвестиции кои придонесуваат за реализација на целите на политиките на ЕУ, како одржлив раст, социјална и територијална кохезија, иновации и безбедност. Таа се финансира преку своето работење на глобалните пазари на капитал и своето основање постојано работи профитабилно. Групацијата ЕИБ е пионер и еден од најголемите издавачи на зелени обврзници и сите нејзини операции се во согласност со Парискиот климатски договор.