ЕИБ инвестирала 853 милиони евра во Западниот Балкан во 2021 година за поддршка на зелени и дигитални проекти


За да обезбеди долгорочна поддршка, ЕИБ подготвува портфолио на проекти во вредност од 2,3 милијарди евра

Европската инвестициска банка (ЕИБ) минатата година инвестирала вкупно 853 милиони евра во државите од Западниот Балкан, наменети за одржлив развој, зелена транзиција, дигитализација и за поддршка на малите бизниси.

За малите и средните претпријатија се инвестирани 560 милиони евра како помош за одржување на ликвидноста, инвестициите, задржувањето на работните места и создавањето на нови можности за вработување. Минатата година, ЕИБ ставила на располагање и 257 милиони евра за заштита на животната средина, побезбедни и ефикасни енергетски мрежи, одржлив транспорт и воведување на климатски погодни проекти меѓу малите компании.

– Заедно со Европската комисија и другите партнери, ЕИБ планира да ја зголеми поддршката за да му помогне на регионот да го забрза спроведувањето на Зелената агенда, велат од банката.

Оттаму посочуваат и дека со приближно 200 милиони евра инвестирани во дигиталниот сектор на Западен Балкан од 2020 година, ЕИБ е еден од најголемите двигатели на дигиталната трансформација во регионот на Западен Балкан.

– Нашата поддршка беше опиплива не само во финансирање, туку и преку зголемување на нашата техничка поддршка за имплементирање на Економскиот и инвестицискиот план, како и Зелената агенда во Западен Балкан која ќе го постави курсот кон почиста животна средина и подобри услови за живот. Ние му помогнавме на регионот да се адаптира на новата дигитална ера преку отклучување на значителни средства за подобрување на дигиталната инфраструктура и вештини. Сега, со лансирањето на ЕИБ Глобално, ќе бидеме во позиција да реагираме веднаш и да допреме до конкретните потреби на терен, да го прошириме нашето партнерство и знаење и умеење до држави и региони на кои тоа им е најпотребно. Тоа отвора ново поглавје и го издигнува нашиот достиг надвор од ЕУ, овозможувајќи ни уште поуспешно да го управуваме кормилото на дигитализацијата, активностите за климатските промени и инклузивен раст, вели Лилјана Павлова, потпретседателка на ЕИБ одговорна за Западен Балкан.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) е институција за долгорочно кредитирање на Европската Унија во сопственост на нејзините земји-членки. Таа овозможува долгорочно финансирање за здрави инвестиции со цел да се придонесе кон целите на политиките на ЕУ.