Ефективната камата за унгарскиот кредит ќе биде 5,2 отсто тврдат од СДСМ
Опозициската СДСМ тврди дека ефективната камата за кредитот од Унгарија за компаниите ќе биде 5,2 отсто.
„Каматната стапка од 3,25 отсто годишно изгледа конкурентна во споредба со просечните каматни стапки за државни заеми во регионот. Сепак, договорената дополнителна каматна стапка од 1,95 отсто за 250 милиони евра што ќе се пласираат преку комерцијалните банки значи дека граѓаните и компаниите ќе треба да подмират ефективна камата од 5,2 проценти“, рече заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска на денешната пре- конференција.
Таа рече дека домашните банки нудат кредити по каматни стапки под 5 отсто, односно просечна каматна стапка од 4,78 проценти.
„Ова значи дека кредитите од унгарските пари не се конкурентни на домашниот финансиски пазар, т.е. ќе го чинат стопанството поскапи пари, а со тоа намален потенцијал за економски раст“, потенцираше Каранфилова–Пановска.
„Сите овие факти и бројки, го потврдуваат она што го говоревме од почетокот – овој кредит не е економска одлука, туку чисто политички договор. Постигнат во четири очи помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и Виктор Орбан, без никаква јавна дебата, без консултации со релевантните институции, без водење сметка за интересите на граѓаните и државата. Задолжувањето е резултат на блиските односи меѓу двајца политичари, а не на реалните економски потреби на граѓаните. Тоа ја прави Македонија зависна од Унгарија и го загрозува нашиот политички и економски суверенитет“, рече Фани Каранфилова-Пановска.