ЕЕА: Загадувањето со ситни честички предизвика смрт на 253.000 луѓе во Европа во 2021 година


 

Загадувањето на воздухот со ситни честички предизвикало 253.000 смртни случаи во Европската унија во 2021 година, се вели во извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објавен денеска.

„Најмалку 253.000 смртни случаи во ЕУ во 2021 година може да се припишат на изложеност на загадување со ситни честички (PM 2,5) над 5 μg/m3, како што е препорачано од Светската здравствена организација (СЗО)“, се вели во соопштението на ЕЕА.

Таа бројка е поголема отколку во 2020 година, кога ситните честички предизвикаа прерана смрт на 238.000 луѓе. Зголемувањето се објаснува со поголема изложеност на загадување и благо зголемување на смртноста главно поради Ковид-19, според ЕЕА.

Тенденцијата, сепак, останува генерално позитивна кога се гледа подолг период бидејќи од 2005 до 2021 година бројот на предвремени смртни случаи поради ситни честички се намалил за 41 отсто, се истакнува во истражувањето.

И покрај „големиот напредок“ во последниве години, „влијанието на загадувањето на воздухот врз нашето здравје е сè уште преголемо“, рече извршната директорка на ЕЕА, Леена Ила-Мононен во изјавата.

ЕЕА предупреди дека загадувањето на воздухот останува најголемата еколошка закана за здравјето на Европејците.