„Едвард раце ножици“  – премиера на Театарот за деца и младинци 


Колку сме подготвени да ги надминеме предрасудите кон различните од нас и да ги прифатиме, и каков е третманот на општеството кон маргинализираните групи е тема на младинската претстава „Едвард раце ножици“ во режија на Нела Витошевиќ, која утревечер од 20 часот премиерно ќе ја изведе Театарот за деца и младинци.

Претставата е работена според познатиот истоимен филм од 1990 година на Тим Бартон, за кој Витошевиќ рече дека врз неа влијаел многу инспиративно и како личност, и како режисер. Затоа и го избрала за режија откако добила покана од ТДМ за прва соработка. На прес-конференција рече сакала тоа да биде претстава за сите возрасти, но сепак да има едукативна порака и целна група да бидат млади над 14 години.

Досега филмот сценски е поставен само во Австралија и тоа во балетска кореографија. Приказната е сместена во 50-тите години на минатиот век во САД, каде што се појавува Едвард (во филмот го игра Џони Деп) со раце – огромни ножици, што на почетокот им изгледа егзотично на луѓето во конзервативната и конформистичка средина.

– Но, подоцна го отфрлаат зашто им ја разнишува нивната комфорна зона и општеството го прогласува за опасен за околината. Тој е принуден да се врати во замокот каде што и претходно живеел сам, рече Витошевиќ. Таа додаде дека „Едвард раце ножици“ жанровски е современа бајка и е најличен филм на Тим Бартон, негов надреалистички автопортрет зашто и самиот во детството се перципирал поинаков од другите и се изолирал во свој свет.

Насловниот лик во претставата на ТДМ го игра Бојан Кирковски, кој истакна дека публиката ќе види нешто многу поразлично и интересно. – Буквално ќе биде како да гледаат филм од час и 15 минути. Црпиме од филмот и карактерот што го играм е според  филмскиот лик – го задржавме неговиот изглед: лузните, периката, костумот… иако, сепак, јас не сум холивудскиот колега, се пошегува Кирковски.

Актерката Симона Спировска додаде дека филмот им бил појдовна точка, но дека се обиделе да ги продлабочат емоциите на ликовите. – Го задржавме контекстот на времето и местото, но се обидовме, а мислам и дека успеавме во голема мера, да изградиме ликови кои зборуваат многу подлабоко за дискриминацијата со која се соочуваме на секој чекор, рече Спировска која во претставата го игра ликот на Пег Богс.

Како и во филмот задржано е и шаренилото од бои зашто, како што рече режисерката, тоа е составен дел од приказната и ја пренесува атмосферата.

– Зборува за конформистичкиот дух, за општество кое навидум изгледа весело и либерално, а под тоа е нешто друго. Контраст на тоа е мрачниот замок што се издига над градот и кој го симболизира внатрешниот свет на ликовите, посочи Витошевиќ која ја направи и драматизацијата заедно со Ивана Ангеловска.

Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимограф е Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски. Играат  13 актери од различни возрасти, меѓу нив и неколку млади и нововработени во ТДМ.

„Едвард раце ножици“ ќе се игра во средите од 20 часот – терминот за младински претстави во овој театар. Премиерата утревечер е поместена ден порано зашто оваа среда е државен празник.

Директорката на ТДМ  Катарина Илиевска-Силјановска очекува претставата да има многубројна, пред сѐ, млада публика и дека ќе ја исполни целта – да едуцира и да ја разбуди емпатијата кон различните. Соопшти и дека до крајот на годинава подготвуваат уште две премиери –претстава за тинејџери и куклена за деца.