Едвард Џозеф: „Сергеј Лавров даде бакнеж на смртта за ‘Отворен Балкан’. Секоја чест“
Извонредниот познавач на Балканот тврди дека идејата за „Отворен Балкан“ потекнува од администрацијата на Трамп и ја унапредува агендата на Србија во регионот
Како што треба да се каже благодарам на Владимир Путин што внесе живот на НАТО, секоја чест на Сергеј Лавров што го даде бакнежот на смртта за „Отворен Балкан“.
Вака Едвард Џозеф, американски професор на Универзитетот Џон Хопкисн во Вашингтон и извонреден познавач на состојбите на Балканот вчера на Твитер ја коментираше изјавата на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, кој рече дека Русија го поддржува „Отворен Балкан“, но дека му е жал што не може лично да ја искаже таа поддршка во Белград.
Како што рече Лавров, „очигледно бриселските лидери не сакаа да ја потврдиме позицијата на Русија за Косово и БиХ, да изразиме поддршка за иницијативата ‘Отворен Балкан’ на Белград и да разговараме за интересите за заздравување на односите меѓу земјите во регионот“.
Според Џозеф, оваа идеја, која потекнува од администрацијата на Трамп, ја унапредува агендата на стратешкиот партнер на Русија во регионот, Србија, под водство на Александар Вучиќ.
Главниот руски медиум во Србија – Спутник Србија, забележува Џозеф, постојано го поддржува „Отворен Балкан“
„А зошто да не? ‘Отворен Балкан’ е отворен повик до Вучиќ да ја искористи економската големина на Србија за политичка предност – без политички ограничувања или вредности на ЕУ“. Тој додава дека „Отворен Балкан“ е „српски свет“ на пазарот за помалите соседи на Србија.
Верувајќи дека Вучиќ сака неговата земја да влезе во ЕУ, американските претставници, објаснува Џозеф, ја прифатија идејата дека „трговијата е еднаква на довербата.“ Она што е важно е всушност карактерот на режимот со кој тргувате.
„Прашајте ја Украина – Русија до 24 февруари беше главен трговски партнер на Киев за извоз и увоз. Прашајте ги Јапонија, Јужна Кореја или Тајван дали трговијата изгради доверба со Кина. Истата приказна на Балканот. Србија е првиот трговски партнер на Црна Гора во увозот и извозот – а Белград е на последно место според довербата. Неодамнешното одобрување на ‘Отворен Балкан’ од страна на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ ги влоши поделбите во земјата“, рече тој.
Секоја политика на Балканот што се соочува со директна закана од Србија е скептична, ако не и сомнителна за „Отворен Балкан“, оценува Џозеф.
„Како што истакна Европската банка за обнова и развој во својата дијагноза – клучните економски проблеми на Босна и Херцеговина се од политичка природа. Како што Путин го поттикна НАТО, се надеваме дека Лавров ќе поттикне алтернативи на ‘Отворен Балкан’ кои градат регионален заеднички пазар на заедничките вредности на ЕУ“, заклучува Едвард Џозеф.