Едукативна тура во природа за најмладите во Вевчани


Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“, подружница Вевчани во соработка со националниот парк „Галичица“ организираше едукативна тура во природа со ученици од основното училиште „Страшо Пинџур“ и дечињата од градинката „ПЛанински цвет“ од Вевчани, со прошетка низ Споменикот на природата „Вевчански извори“.

Учениците, како што соопшти „Еко-свест“ учеле бонтон во природа и како се чуваат заштитени подрачја, собирале растенија и надгледувале животински видови кои ги сретнале во прошетката.

– Креативните ученици од ООУ „Страшо Пинџур“ Вевчани и уметникот Горан Ристовски исцртаа мурал во училишниот двор, со кој на своите врсници, но и останатите жители и посетители на Вевчани сакаат да им укажат за значењето на водата и природните вредности, стои во информацијата.

На прошетката со дечињата од Детската градинка разговарале за животните и растенијата во околината. Учеле и за важноста на водата, зошто треба да се внимава ѓубрето да не завршува во неа и како да ја чуваат реката.

– Целта на активностите е едукација од мали нозе со цел подигање на свесноста зошто ни е важна животната средина и зошто мора да ја штитиме. И од досега виденото, можеме да се пофалиме дека во младите генерации природата ќе има многу сојузници и борци кои ќе ѝ помагаат. Сето ова е само мал дел од работата на Еко-свест во Вевчани преку локалната канцеларија, посочуваат од „Еко-свест“.

За наредниот период најавија изработка на трајна поставка за природата во Мултикултурниот центар во Вевчани, поставување на информативни табли и знаци во Споменикот на природата „Вевчански извори“, бележење на велосипедски патеки, промоција на заштитеното подрачје преку онлајн кампања и многу други.

Активностите се дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природата „Вевчански извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust- PONT. Како дел од овој проект Еко свест во 2022 ја отвори својата локална канцеларија во Вевчани и претставува продолжување на заложбите на Еко свест зачувување и одржливо управување на Споменикот на природа „Вевчански извори“.