Едукативна тура низ палатите на старо Скопје


Во рамки на кампањата „Дестинација Македонија“,Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ го истражува Скопје  и овој месец организира две едукативни тури – денеска  „Палатите на старо Скопје“, а на 27 октомври –
 „Отоманското наследство на Скопје“.
Од „Хаемус“ велат дека турите се направени за учесниците да поминат низ искуство, знаење, интеракција,а ќе им понудат и забава додека го запознаваат културното наследство на главниот град.
– Овие тури се необични и ретко може да се најдат како понуда во културниот туризам. Создадени се на начин да го задржат вниманието и да бидат во активна интеракција со учесниците. Посетителите се едуцираат, но и споделуваат знаење и информации за локациите кои се посетуваат, покрај кои поминуваат катадневно, а, сепак, многу малку знаат за нивното пошироко антрополошко и културно-историско значење, изјави Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.
Настаните со кои се промовира и популаризира богатото културно-историско наследство на Скопје од различни периоди се организираат под мотото на УНЕСКО за Отворени едукативни ресурси (ОЕР), а турите се логистички поддржани од Град Скопје.