ЕДС бара Владата да интервенира и за долговите на јавните претпријатија кон останатите снабдувачи со струја


 

„Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС) преку соопштение ја поздравува одлуката на Владата да ги помогне институциите кои беа исклучени од снабдување од страна на ЕВН, но истовремено апелираме дека е неопходно таа да помогне и кај јавните претпријатија што должат и кон останатите снабдувачи со електрична енергија на македонскиот пазар. „Интервенцијата на Владата не смее да биде селективна и финансиската помош за покривање на долговите за електрична енергија не би требало да бидат насочени само кон еден снабдувач“, се вели во соопштението.

Во него се нагласува дека балансната група која што ЕДС ја снабдува со електрична енергија ја сочинуваат повеќе од 550 правни субјекти, од кои над 200 се јавни претпријатија и институции. Компанијата вели дека во енергетската криза има целосно разбирање за предизвиците со кои што се соочуваат сите деловни субјекти поради зголемувањето на цената на електричната енергија и кога некои од клиентите се соочуваат со проблеми при подмирувањето на своите обврските работат со нив да се најде начин соработката да продолжи, особено кога се работи за клиенти чија примарна дејност е давање услуги кон граѓаните и домаќинствата.

„Но, во одредени случаи, и покрај нашите обиди да се дојде до заемно прифатливо решение принудени сме да ги искористиме законските решенија за раскинување на договорот и прекин на испораката кон некои од клиентите“, велат од компанијата ЕДС.

„Токму во интерес на граѓаните кои ги користат услугите на државните институции и јавните претпријатија неопходно е што поскоро да се најде решение за нивните долгови за електрична енергија, кои што кај некои достигнуваат високи износи и со тоа ја загрозуваат испораката на струја и кон останатите клиенти и ја нарушуваат стабилноста на балансните групи во целост кај сите снабдувачи“, нагласуваат од ЕДС.

Оттаму апелираат до надлежните органи, општините, јавните претпријатија и институции дека во постојните услови во енергетскиот сектор од клучно значење е редовното и навремено подмирување на сметките за електрична енергија, разумното и одговорно планирање на буџетите за потрошувачка на електрична енергија.