Едрењето – глас за бесшумно пловење по Охридско Езеро

Едрењето е еко-глас за бесшумно пловење и заштита на Охридско Езеро од бучавата што ја прават моторизираните бродови, глисери, катамарани и други пловни средства по езерото. Но, пловењето со едрилица е и отворена борба против фосилните горива кои ја загадуваат водата и штетно влијаат врз животинскиот свет во езерото, велат професионалните скипери/едриличари со кои заедно учествувавме во манифестацијата „Запознај го едрењето, заштити го езерото“ во Охрид.
Со подадена рака, расположени и ведри, група професионални едриличари ни помогнаа да влеземе во едрилиците кои со отворени едра чекаа да дадеме личен придонес во заштитата на Охридското езеро. Нивните насмевки беа потврда дека сме добредојдени на манифестацијата „Запознај го едрењето, заштити го езерото“, организирани во рамки на фестивалот на водата Ohrid Water Festival, поддржан од тамошната локална самоуправа.
Ако и вие сте за заштита на езерото, и ако и вие сакате здрав живот, тогаш повелете на нашата едрилица, ни рече Будимир Соколовиќ, професионален едриличар, сертифициран инструктор за едрење од меѓународната ISSA организација (International Selling Schol Association) со седиште во Лондон.
-Моторот на едрилицата ќе биде вклучен неколку минути, доволно време за да излеземе од пристаништето, а потоа нашата погонска сила ќе биде ветерот. Горивото што цело лето го трошиме за излез на едрилицата од пристаништето на отворено езеро, глисерите го трошат во првите десет минути. Така е секој ден, истакна нашиот домаќин, едриличарот Будимир Соколовиќ, расположен да зборува за МИА и со јавноста да сподели искуства и визија.. Нашиот придонес во заштитата на животната средина и посебно на езерото е најголем. Гледано и од други аспекти, пример спорт и спортска рекрација, потреба за здрав живот на сите генерации и слично, слободно ќе нагласам, едрењето е вистинскиот избор и решение.
За жал, со само неколку едрилици, не може да се даде голем еко-придонес, но од некаде мора да се почне. Поголемите охрабрувања доаѓаат од туристи странци кои секогаш велат, – оваа убавина во срцето на Европа треба да се чува на секаков можен начин и наместо бројни моторизарани пловни објекти, од кои истекува масло и друг загадувачки отпад, тука треба да има илјадници едрилици, нагласи Соколовиќ.
Охридските едриличари посакуваат забрзан развој на наутички туризам по примерот на соседна Албанија или Хрватска. Со развој на наутичкиот туризам директно се придонесува во заштитата на езерото, но и за развој на локалната економија.
-На Охридско Езеро секој ден треба да има едрилици кои ќе пловат и нема да загадуваат. Цел ден можеме да пловиме со едрилицата. Нашето бесшумно пловење го разбива само звукот од бранчињата кои нежно ја допираат едрилицата. Од едрилицата не се плашат рибите, напротив тие се плашат од бучните мотори на бродовите, глисерите и други пловни средства, а угинуваат од масла и фосилните горива што ги употребуваат. Ние се залагаме за користење на ветерот како енергија за пловење. Само со две едра, со прилагодување кон силата на ветерот кој неможе да се победи или промени, но може да се адаптира на нашата потреба, ние го добиваме саканиот правец и дестинација, појасни Соколовиќ и ја задоволи нашата љубопитност да ја опише едрилицата чии составни делови содржат прамец, крма, корито, кобилица, предно едро, главно едро, рудо, крмен лист, јарбол, дебло и шкоти или јажиња со кои се овозможува да има ламинарно струење кон едрата. Во едрилицата има и сигурносни појаси доколку за тоа е потребно, потврди Соколовиќ.
А, потреба за сигурносни појаси немаше, затоа што мирната езерска шир овозможуваше нашето прво пловење со едрилица да биде пријатно, забавно и незаборавно, а далгите што постојано се менуваа, да ги броиме и пребројуваме.
-Јас го поддржувам промотивниот ден на едрличарите и посакувам секој човек пловејќи со едрилица да го почувствува мирот и спојот со природата, спојот со езерото, со ветерот… Секој треба да се вклучува во екопотфатите, да поддржува еко акции… Едрилиците треба да бидат повеќе достапни, да има марина на езерото каде што едрилиците ќе може лесно да се најдат и да се изнајмуваат или да се плови со нив. Мислам дека треба да има лесно достапни информации за пловење со едрилица, односно да не се случува подолго време да пребаруваме за точно да се информираме за начинот на користење едрилица.. Се израдував што на едрилиците видов млади луѓе. Јас како дете најмногу сакав да пловам на кајче со весла…тоа, и ова со едрилиците се најубавите работи во Охрид, ни рече нашата соговорничка и сопатничка, Лела Каровска од Скопје.
Семејството Соколовиќ се посветени едриличари со јасна визија за развој на едриличарството. Нивните планови и амбиции се поддржани за нов еко-потфат, ни појасни Дарко Соколовиќ, син на Будимир.
-Се што правиме, правиме за заштита на нашето Охридско Езеро и затоа внесуваме современи новини. На нашите две едрилици наскоро ќе поставиме големи сончеви панели кои ќе се користат како тенда/настрешница за сенка, но во истовреме панелите користејќи соларна енергија ќе произведуваат доволно струја за еко-моторот на едрилицата да работи самостојно и без користење на нафтени деривати. Всушност, досегашниот мотор целосно ќе биде отстранет, а новиот ќе користи чиста енергија. Нема да има издувни гасови, нула масло, вели за МИА, Дарко и додава дека преку проектот EU for Economic Growth (EU4EG), грант што го добиле преку GIZ, формирале старт-ап „Еконаутик“ – Охрид.
Во желбата да се зголеми бројот на едриличари кои директно ќе придонесуваат за заштита на Охридското Езеро се приклучуваат и нови едриличари, или како што ги викаат скипери кои знаат да пловат со едрилица, а тоа им го овозможуваат сертифицираните едукатори.
-Јас и колегата Никола Баракоски сме ISSA сертифицирани инструктори за едрење на езеро, но и за море и секое лето одржуваме обуки за едрење за возрасни. Интересот е многу голем, а возрасната граница за тие што сакаат да научат да едрат е од 17 до 77 години. Едрењето не признава возраст затоа што за едрење не треба сила, туку знаење. Со едрење се занимаваат интелектуалци, свесни за потребата од што поголем број на едрилици во езерото. Тоа се еколошки свесни луѓе. Но, освен еколошки свесни, едриличарите имаат и сообраќајна култура која треба да се применува кога се плови по езерото. За жал, генерално, сообраќајната култура на езерото е иста како и сообраќајната (не)култура на земја/копно, односно лоша. Ние како инструктури ги истакнуваме сообраќајните правила на вода кои секој што плови треба да ги знае. Секогаш предност има пловниот објект што има ограничени маневарски способности. Ние сме со едра и нашите маневарски способности се ограничени во однос на моторните пловни објекти. Ние имаме предност во однос на другите пловни објекти, освен бродовите кои влечат мрежи за рибарење или бродови кои влечат друг брод. На езерото нема утврдени патеки за движење или пловење, но има утврдено растојание на кое треба да се наоѓаат пловните објекти, но за жал и тоа не се почитува. На тој начин се нарушува безбедноста, а често оние што се доближуваат до брегот се опасност за пливачите или љубителите на пловење со суп. Затоа мора да се подобри сообраќајната култура на езерото и тоа се постигнува со казнување, нагласи Соколовиќ.
Во меѓувреме, едриличарите посакуваат сериозно да се подобри и инвестира во инфраструктура, пред се во изградба на поголема градска марина со заштитен простор од бранови каде ќе може да се сместат поголем број на едрилици, а во Охрид и Струга со околните туристички места како што се Трпејца, Пештани, Радожда и други, да имаат нови пристапи за закотвување на едрилиците до брегот, но и електрични полначи за едрилици. На тој начин ќе се развива наутичкиот туризам и вистински ќе се штити нашето Охридско Езеро.