Едноставен тест на крвта може да предвиди кој може да има трагичен исход од коронавирусот


Омикрон хара низ светот, според последните информации во Франција за само 24 часа се заразени половина милион луѓе, а состојбата и кај нас е загрижувачка. Забележуваме рекорди по бројот на новозаразени, но утешни се зборовите на епидемиолозите кои истакнуваат дека новата мутација на корона е помалку опасна, иако позаразна и дека оваа пандемија на Ковид-19 треба наскоро да заврши.

Според епидемиолозите, овој вид побрзо се пренесува, но предизвикува послаби клинички слики. Сепак, тоа не значи дека лицето кое ќе се зарази со омикрон не може да има трагичен исход од ефектите на овој вирус. Досега се покажа дека алфа (оригиналната форма на короната) и делта – една од последните мутации, предизвикале најмногу смртни случаи. Научниците сега открија дека постои тест на крвта што може да укаже на ризик од смрт поради инфекција со корона.

Истражувачите ги анализирале нивоата на 321 протеин во примероците од крв земени од 50 испитаници третирани во Германија и Австрија.Просечното време од приемот на пациентот во болница до трагичниот исход бил 28 дена. Целта на студијата беше да се најдат врски помеѓу нивоата на овие протеини во крвта и стапката на преживување на пациентите.

Научниците велат дека успеале да идентификуваат 14 протеини во крвта кои се поврзани со преживувањето на инфекцијата со коронавирус. Благодарение на вештачката интелигенција, нивоата на овие протеини беа анализирани со цел да се пресмета ризикот од смртност со недели однапред, а научниците велат дека резултатите се 100 проценти точни. Овој тест би можел да биде од голема помош за одредување на терапијата во лекувањето на Ковид-19.

Професорот Флоријан Курт, од Универзитетската болница Черити во Берлин, предупредува дека ова истражување треба да се земе со резерва:

„Ковид-19 се однесува многу поинаку, опсегот на симптоми и текот на болеста се движи од асимптоматски случаи до многу сериозни болести и фатален исход. Тешко е да се процени индивидуалниот ризик“.