Едногодишно бебе и 4-годишно дете заразени од Ковид-19 во Битола


БИТОЛА – Едногодишно бебе е најмладиот пациент кој денеска е заболен од корона вирусот во Битола. Исто така вирусот е дијагностициран и кај дете од четири години. И двете се дел од петте позитивни лица регистрирани денеска во Битола. Со денешните случаи бројот на заразени во Битола достигна 127.

Денеска почина и 73-годишен битолчанец, кој е трета жртва од корона вирусот во Битола. Починатото лице било хоспитализирано во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

„Позитивните лица се на возраст од 1, 4, 38, 39 и 45 години. Сите лица даваат податок за контакт со друго позитивно лице и се поврзани во фамилијарни кластери. Од контактите на новорегистрираните лица, за 8 лица е даден предлог за здравствен надзор и домашна изолација. Вкупниот број на активни случаи во Битола изнесува 63. Денес се регистрирани 4 оздравени лица“, велат од Центарот за јавно здравје во Битола.

Она што е симптоматично за новорегистрираните болни во Битола е дека најголем дел од нив не даваат податок за контакт со претходно болно регистрирано лице.  Така, вчера од шест регистрирани болни, дури четворица не дале податок за контакт со позитивно лице. А за оваа ситуација Центарот предупреди пред два дена.

„Од вкупниот број на лица каде болеста се уште е во тек, 19 лица не даваат податок за контакт со потврден позитивен случај, а останатите 39 активни случаи даваат податок за контакт и тоа: 19 лица се поврзани директно или индиректно со текстилна компанија, а останатите 20 лица се поврзани во помали фамилијарни/работни кластери“, велат од таму.

Во моментов добар дел од активните болни се поврзуваат со семејни кластери, а заразени се и двајца ракометари.

„Две лица се позитивни од ракометен клуб, на возраст од 18 години. Лицата во моментов се асимптоматски, а тестирани се приватно при рутинска контрола организирана од клубот. Од нивните контакти, за 16 лица е даден предлог до санитарна инспекција за ставање под здравствен надзор“, соопштија од Министерството за здравство. (A.Б.)