Еднодецениско заокружување на видеоуметноста на Тања Балаќ


Проекција на 10 видео-уметнички дела на македонската уметница Тања  Балаќ, по повод 10 години создавање на полето на видеоуметноста, ќе биде одржана вечер во 20 часот во Кинотеката на Македонија. Станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот, од 2014 наваму.

Како што наведуваат од Кинотека, кон крајот на првата деценија на 21 век, Балаќ, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе почнува да се интересира и за видеоуметноста. Овие дела  ги допираат прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко. Но секогаш во фокусот на нејзината сфера  на интерес како уметник е – човекот, кој и` е бескрајна инспирација.

Иако сликарството и` е прва љубов и најсигурно се чувствува во своето ателје, процес  што е испреплетен со безброј внатрешни дијалози и преиспитувања, Балаќ ужива и во процесот на создавање на експериментален  филм и видео, но е децидна во ставот дека во ерата на сеприсутност на дигиталната слика за визуелните уметници е исклучително важно да не ѝ дозволат на технологијата да ги „заведе“ со сите нејзини можности, се посочува во соопштението од Кинотека.

Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка.

Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност. Остварила повеќе самостојни изложби, а учествувала и на бројни групни изложби во земјава и во странство. Нејзини експериментални филмови имаат добиено меѓународни награди, меѓу кои и на Биеналето во Фиренца за филмот „Меморабилија“, на Филмскиот фестивал во Вест Вирџинија, САД и на „Анархи филм фестивал“ во Манчестер, Велика Британија за филмот „Заглавени заедно“