Бугарија ги извртува фактите: Скопје ги негира наводите на Софија околу изградбата на тунелот

Од Министерството за транспорт тврдат дека се неосновани обвинувањата дека Македонија го кочи договорот за изградбата на пругата. Софија не одговорила на неколку барања за состанок на работните групи


Фамозниот тунел што треба да го градиме со Бугарија

 

Откако бугарските медиуми вчера известија дека „Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и да започне со изградба на прекуграничен железнички тунел долж Коридорот 8“, од македонското Министерство за транспорт денеска одговорија дека едно се дела, а друго се зборови.

„Република Бугарија повторно ги извртува фактите“, велат од Министерството за транспорт во писмен одговор до „Независен“ на прашањето до каде е постапката околу договорот со Бугарија за изградба на тунелот и воопшто околу целиот проект за пругата што треба да ги поврзе двете соседни земји. Во отсуство на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој е дел од владината делегација која е во посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), одговорот го добивме од Министерството за транспорт.

Од Министерството посочуваат дека Владата е силно посветена на доизградба на железничкиот Коридор 8.

Од таму додаваат дека по добиеното барање од страна на Бугарија за постигнување на договор за заедничка изградба на тунелското решение како гранична точка меѓу двете земји, Владата веднаш формира работно тело на највисоко ниво во состав: Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи, Гордана Димитриеска-Кочоска, министер за финансии и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски, тело кое треба да работи на прецизирање на деталите со бугарската страна за реализација на овој проект.

„Но, потенцираме дека по неколку барања и обиди од наша страна да се организира заеднички состанок на работните групи, до сега нема официјален одговор од Република Бугарија за организирање на каква било средба и постигнување на договор за реализација на овој значаен европски коридор. Исто така веќе закажаната средба меѓу директорите на двете железнички компании беше откажана од страна на директорот на Бугарски железници“, велат од Министерството за транспорт.

Дополнително, како што додаваат, во март известени се и Европската комисија, Делегацијата на ЕУ во Македонија, Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Секретаријатот на Транспортната заедница дека македонската страна е загрижена во однос на информациите изнесени во бугарската јавност, а во кои стои дека поради немање на финанисиски средства, Република Бугарија нема да ја финансира реконструкцијата на пругата Софија – Радомир – Перник, како дел од Коридор 8.

„Во духот на регионалната соработка и развој, а како значаен инпут во економскиот развој на регионот, очекуваме Република Бугарија конечно да заземе став и да одговори на барањата на Владата и Министерството за транспорт за организирање на средба на работните групи и организирање на процесот за реализација на овој регионален проект“, велат од Министерството за транспорт и додаваат дека во овој момент Македонија е единствена од трите држави на Коридор 8 која работи во делот на железницата.

„Само во Република Македонија се гради. Едно се дела, друго се зборови, за жал кај соседите недостасуваат“, се вели во одговорот на Министерството за транспорт до „Независен“.

Инаку, како што веќе објавивме, бугарските медиуми пренесоа информација за изјава на бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов, кој рекол дека „Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и да започне со изградба на прекуграничниот железнички тунел“. Изјавата била дадена на работниот појадок во Софија со амбасадорите на земјите од ЕУ и НАТО, посветен на напредокот на стратешкиот инфраструктурен проект. На средбата присуствувале и министрите за регионален развој и јавни работи Иван Иванов, министерот за одбрана Атанас Запријанов, претставници на Европската комисија, Националната железница и Агенцијата за патна инфраструктура.

Притоа, како што пренесоа бугарските медиуми, Караџов го детализирал напредокот на Бугарија на Коридорот 8, стратешки инфраструктурен проект чија цел е поврзување на Јадранското и Црното Море. Тој нагласи дека предложениот договор е веќе доставен до Скопје и дека Бугарија чека одговор и потенцијални коментари за да продолжи со дискусија на експертско ниво. „Доколку Северна Македонија нема забелешки, Бугарија е подготвена да го финализира договорот и да иницира изградба на делот од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри – во очекување на изградбата на тунелот, кој мора прв да започне.“

Интереасно е што овој работен појадок во Софија доаѓа неколку недели по изјавите од бугарска страна дека бугарската влада одлучи да го откаже проектот за модернизација на железничката линија Софија – Радомир – Перник. За реализацијата на двата железнички проекти Софија – Перник и Перник – Радомир беа наменети 500 милиони евра, но тие се исклучени од финансирање во текот на тековниот програмски период 2020-2027 година поради доцнење и недостиг на средства.

Железничката линија Софија – Скопје е дел од европскиот транспортен коридор бр.8, кој треба да го поврзе Црното со Јадранското Море по правецот Драч – Тирана – Скопје – Софија – Бургас/Варна. Целта е да се обезбеди брз транспорт на луѓе и стоки.

Македонија ја заврши изградбата на делницата од Скопје – Бељаковце и се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка.