Едно изборно видео на Киличдароглу ја стресе изборната кампања во Турција
Ривалот на Ердоган, кој има добри шанси да победи на изборите, објави дека е припадник на верското малцинство алевити. За еден ден видеото на Твитер беше прегледано 20 милиони пати
Човекот кој сака да го смени Реџеп Таип Ердоган како лидер на Турција, ги потресе претседателските избори следниот месец, објавувајќи го својот идентитет како алевит – член на главното верско малцинство во земјата, кое често трпи дискриминација.
Изјавата на Кемал Киличдароглу, заедничкиот претседателски кандидат поддржан од шест опозициски партии, дојде во видео на Твитер прегледано речиси 20 милиони пати за помалку од 24 часа. Самиот твит беше прегледан околу 70 милиони пати.
Додека повеќето Турци одамна знаат дека Киличдароглу потекнува од малцинството алевити, неговата одлука да го нагласи неговиот идентитет нашироко се смета како апел за плурализам и толеранција и обид да се направи контраст со Ердоган, кој заснова голем дел од неговата политичка кариера на неговиот мејнстрим сунитски идентитет.
Ердоган во неколку наврати беше обвинет дека играл на алевитското потекло на Киличдароглу на политичките собири, а Киличдароглу го користи видеото за да се спротивстави на тој вид на поларизирачка политика.
„Јас сум алевит“, вели претседателскиот кандидат во видеото, обраќајќи им се на оние кои првпат гласаат. „Јас сум искрен муслиман кој е воспитан со верата на пророкот Мухамед и Али. . . Нашите идентитети се она што нѐ прави тоа што сме“.
Видеото досега има над 360.000 лајкови, а многу алевити коментираат и ги искажуваат своите искуства од дискриминација.
Тоа е значаен чекор затоа што алевитите – кои се молат во четврток, а не во петок, и го почитуваат зетот на пророкот Мухамед, имамот Али – честопати се обидуваат да го сокријат својот идентитет во земјата со мнозинско сунитско муслиманско население, и покрај тоа што го претставуваат, според некои проценки, околу 20 отсто од населението, а не се официјално признати од турската држава.
Некои критичари долго време тврдат дека 74-годишникот, кој е во предност во анкетите – но чија Републиканска народна партија е поразувана на последователни избори – ќе се бори да добие поддршка од конзервативните сунитски гласачи.

Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу го обвини Киличдароглу дека игра жртвата во распространетото видео. „Ние не сме тие што велат дека алевит нема да добие гласови или дека јавноста ќе го доведе во прашање. Ние немаме проблем со тоа“.
Наречен „турски Ганди“, благиот Киличдароглу, поранешен бирократ, за време на неговата политичка кампања објавува видеа од својот скромен дом, честопати од неговата кујна.
Кандидатот на опозицијата ги повика младите луѓе, особено оние кои првпат гласаат, кои можеби ќе одиграат клучна улога на тесните избори во мај. „Дали сте подготвени да го укинете овој систем во неговите корени?“, прашува тој. „Ајде млади луѓе, заедно да го поминеме овој праг“.
Во меѓувреме, истражувањата покажуваат дека Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот ја губат поддршката поради влошените економски услови и лошото управување со катастрофалниот земјотрес што го погоди југоисточниот дел на земјата во февруари. (Политико)