Едниот пиштол со кој се пукаше на „Скендербег“ не бил огнено оружје


Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.

На 6 јули, кога толпата учесници на јавен собир се приближиле кон плоштадот „Скендербег“ во Скопје, осомничениот бил дел од група граѓани на плоштадот кои влегле во расправија и меѓусебно фрлање со предмети со учесниците на протестот. Во тој момент, осомничениот извадил пиштол за светлосно-звучна сигнализација марка „EKOL Arаs Magnum” и испукал еден куршум во воздух. Со вештачење е утврдено дека станува збор за пиштол во кој внатрешноста на цевката е изведена со препрека која оневозможува истрелување на проектил од огнострелна муниција, па пиштолот не претставува огнено оружје.

Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, задолжително повремено јавување кај надлежен орган и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова.

Поради интересот на јавноста, Јавното обвинителство појаснува дека денеска беше поведена постапка за едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност поради учество во инцидентите кај плоштадот „Скендербег“ на 6 јули, за што јавноста беше известена со денешното соопштение.

Истовремено, веќе се води постапка против уште едно лице кое е обвинето дека пукало со огнено оружје при наведениот инцидент. Ова лице се наоѓа во притвор и против него Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение на 12 јули, за што јавноста веднаш беше известена, односно од ОЈО упатуваат на сооптението од 12 јули во кое се вели:

„Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведената претходна постапка, денеска до надлежниот суд поднесе обвинителни предлози против вкупно 12 лица, од кои 9 се обвинети за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 1 од Кривичниот законик, а три лица се гонат за – Предизвикување општа опасност согласно член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

За време на јавен собир на граѓани, на 5 и 6 јули, деветмина обвинети учествувале во толпата што изврши кривично дело – насилство пред Собранието на Република Северна Македонија. Тие со камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци и пиротехнички средства фрлале кон полициските службеници распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му била нанесена тешка телесна повреда, а 26 полицајци се здобиле со телесни повреди. Обвинетите причиниле штета на Собранието во вкупен износ од 576.665 денари, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило „шкода-јети“.

Обвинителен предлог е поднесен и против двајца скопјани, на возраст од 18 и 26 години, кои со општо опасно дејствие предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето на место каде што биле собрани поголем број луѓе. Едниот обвинет подготвил „молотов коктел“, ставајќи бензин и парче ткаенина во стаклено шише, по што општо опасното средство го подал на другиот обвинет кој го фрлил кон поставениот кордон од полициски службеници.

За предизвикување општа опасност се гони 40-годишен скопјанец, кој на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, со општо опасно средство – пиштол марка „волтер“ модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на групата граѓани кои учествувале на јавниот собир, обвинетиот во два наврати испукал по два куршума во воздух.

За седум од обвинетите судот во текот на претходна постапка определи мерка куќен притвор, додека за петмина беше определена мерка притвор. Со цел да се обезбеди присуството на обвинетите во текот на постапката, надлежните јавни обвинители денеска до судот доставија и предлози за продолжување на вака определените мерки.“

Дополнително, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и против две лица за кои постои сомнение дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Тие се осомничени за учество во толпата што изврши кривично дело насислтво пред зградата на Собранието за време на протестите на 5 јули, фрлајќи камења, бекатон плочки, железни предмети, корпи за отпадоци, сообраќајни знаци и други предмети кон полицискиот кордон, при што на еден полициски службеник му беше нанесена тешка телесна повреда, а беа повредени и уште 27 други полицајци. За време на настанот беше нанесена и материјална штета на зградата на Собранието, беше оштетена полициска опрема и едно полициско возило.

За осомничените судијата на претходна постапка определи мерка куќен притвор во траење од 8 дена.​