Едниот авион за гасење пожари не е вратен од сервис, другите два не се ни заминати
Во последниот месец и покрај студеното време регистрирани се околу 140 пожари, од кои два прилично сериозни со материјални штети

Официјалната „сезона“ на пожари уште не почнала, а во Македонија во последниот месец регистрирани се околу 140 пожари, од кои два прилично сериозни со материјални штети. Кога лани на Илинден избувна голем пожар во околината на Кочани, сите функционери од прославата во Крушево заминаа директно таму да помогнат во гасењето. Другиот ден избувнаа големи пожари и во Малешевскиот регион, но иако народот бараше помош да се гаси и од воздух, авионите останаа приземјени затоа што не беа сервисирани, а хеликоптерите делумно помогнаа, затоа што пак ноќе тие не можат да гасат.
На помош, за гасење на пожарот околу Пехчево, Берово и Делчево, дојдоа словенечки, француски и австриски пожарникари, кои поставија база од каде координираа, ги обучија дополнително нашите пожарникари и оставија опрема, да ни се најде. Дали и годинава пожарите ќе нѐ најдат неподготвени, со приземјени хеликоптери и авиони или ќе можеме сами да се избориме со овие стихии?!
Пожарите веќе пустошат по ливадите
Вчера беа пријавени два пожари во Струшко, при што во едниот била зафатена сува трева и две хаварисани возила во плац на автосервис, а во другиот горела сува трева, високостеблеста шума и куќа на Ѓ.К. Двата пожари биле изгасени, а повредени нема, информираат од Територијалната противпожарна единица Струга.
Во последниот месец регистрирани се околу 140 пожари, а сѐ уште не е почната сезоната на пожари, односно, температурите на воздухот се ниски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, информираше дека во март се регистрирани околу 140 пожари, од кои неколку многу сериозни. Во Кратовско имало пожар кој се простирал на површина од околу 20 хектари листопадна, даб и букова шума и 30 хектари борова шума. Исто така, во Ресен имало пожар кој што навлегол во овоштарници и при тоа предизвикал голема штета. Оваа година штетите се проценети на околу 38,5 милиони евра.
„Иако со закон ваквото палење е забрането, поради недоволно внимание огновите излегуваат надвор од контрола и се шират на околната сува трева, а поголем дел од нив влегуваат во шума. Секој пожар, колку и да е мал на почетокот, може да прерасне во поголем пожар и да предизвика непроценлива штета на вегетацијата, на шумите, но и на животинскиот свет, а при тоа може да ги загрозува и човечките животи. Гаснењето на овие пожари повлекува со себе големи трошоци и ресурси“, рече тој и посочи дека за в среда министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски свикал состанок на Управувачкиот комитет околу подготовките за справување со пожарите.
Два армиски хеликоптери и еден приспособен полициски
Ангелов изјави дека во моментов имаме два функционални армиски хеликоптери кои што можат да учествуваат во гаснење пожари.
„то се однесува до противпожарните авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, едниот авион во секој момент треба да биде вратен, а останатите два авиони се во процедура да заминат на сервиси. Очекуваме тие да бидат спремни до почетокот на, условно кажано, сезоната на пожари која доаѓа со зголемувањето на температурите“, рече тој. Додаде дека е набавена и инсталирана опрема на еден од хеликоптерите на МВР.

Тој го појасни и начинот на кој се пристапува на гасење пожар, односно, дека најпрво гасат градските односно општинските пожарникари, а ако пожарот се префрли на шуми, тогаш во гасењето се вклучуваат и пожарникарите од „Македонски шуми“. Ако и тоа не помага, градоначалникот ја повикува локалната администрација, луѓе кои не се обучени пожарникари да помогнат. Дури потоа се бара помош од МВР, АРМ и Дирекцијата за заштита и спасување, па ако се процени дека има потреба за гасење од воздух се вклучуваат хеликоптерите и авионите.
Пожарите на врата, а авионите за гасење недосервисирани
Во ланските големи пожари најпрво кај Кочани, потоа во Малешевскиот крај, Пехчево, Берово и Делчево беа побарани хеликоптери и авиони, но хеликоптерите не можеа да интервенираат со објаснување дека не можат да летаат ноќе, иако на неколку наврати сепак гасеа, а авионите не беа сервисирани.
Сега, пред почеток на сезоната во која се очекуваат пожари, од три авиони кои Македонија ги поседува од типот „Ер трактор“, завршен е сервисот на само еден, но и тој не е вратен од Шпанија, каде бил извршен сервисот.
„Еден воздухоплов е во завршна фаза на годишниот преглед во ‘Титан’, Шпанија. По завршениот сервис се спроведува основен преглед на воздухопловот од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство и се продолжува пловидбеноста на воздухопловот (ова се прави секоја година). Во зависност од временските услови, воздухопловот врши прелет од Шпанија и се враќа во Македонија. За воздухопловот да биде способен за вршење специјализирани операции т.е. гасење шумски пожари до Агенцијата за воздухопловство се поднесува барање за издавање декларација со овластување за вршење специјализирани операции како што се гасење шумски пожари. Ова е процес кој трае минимум 30 дена“, одговорија од Дирекцијата за заштита и спасување на прашање на „Независен“.
Од таму појаснуваат дека другите два воздухоплова требале да одат на сервис пред 10 дена, но поради технички дефект на едниот од нив, нивното заминување е одложено до доаѓањето на резервните делови и отстранување на дефектот. Воздухопловите било планирано да одат во тандем поради запазување на безбедносните услови за летање преку поголема водена површина, дополнуваат од ДЗС.
Процесот на сервисирање е најмногу 60 дена според договорот со „Титан“, а останатото е исто како и за првиот авион.
Од таму одговорија дека Дирекцијата за заштита и спасување има склучено договор за јавна набавка за сервис на воздухоплови со „Титан фајр фајтинг компани“, Шпанија, компанија која ги исполнила условите по EAСA стандардите, но не конкретизираа колку чини сервисот.
„Цената на чинење за извршен сервис на воздухопловите се вклопи во проценетата вредност на јавната набавка одобрена од Буџетот на РСМ“, велат од ДЗС.
По огнената стихија во 2009 година, кога Македонија беше целосно зависна од помошта од соседите, а канадери чекаше од Хрватска, Владата одлучи да набави авиони.
Последниот од трите противпожарни авиони „АТ 802“ што Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија ги купи преку шпанската фирма „Ер трактор“, слета во Скопје во февруари 2010 година. Со тоа се комплетира македонската противпожарна ескадрила, која стана оперативна истото лето.