„Еднаш тој систем го решивме, ќе го решиме и втор пат“: Филипче за инцидентот со новинарите во Собранието
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, им даде целосна поддршка на новинарите во нивната работа, осврнувајќи се на вчерашниот инцидент во Собранието кога пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, го извлекуваше директорот на АНБ за да не одговара на прашања од медиумите.
„Многу сериозни најави за обид за елиминирање на слободата на изразување на говорот, на јавен настап, на слободен пристап до информации повторно, веројатно многу дискретен, а во следниот период и многу поагресивен систем на елиминирање на слободата на изразување на новинарите и нивниот пристап до информации согласно она искуство од претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во најцрните години за Македонија до 2016 година. Давам поддршка на новинарите да се борат за своите права и слобода, може да сметаат на наша поддршка во кој било момент, а на премиерот и на ВМРО ДПМНЕ им порачувам-еднаш тој систем го решивме, ќе го решиме и втор пат“, рече Филипче.
Според него, вчерашната седница на собраниската Комисија за надзор на тајните служби, била уште една потврда „во каков криминал се навлезени ВМРО-ДПМНЕ со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ“. Претседателот на опозицијата на денешната прес-конференција истакна дека ваквиот начин на дејствување, односно партизација на безбедносниот систем, задушување на слободата на говорот, спречување на новинарите и медиумите да ја извршуваат професионално својата работа, не е непознато и потсетува на најцрните години за Македонија до 2016 година.
„Комисијата можеше редовно да си заседава и директорот да одговори на сите прашања, меѓутоа тоа не се случи. Но тоа не е нешто ново, политизација и партизација на безбедносните структури нешто што сме виделе во претходното владеење на ВМРО ДПМНЕ. Сакам јасно да му порачам на премиерот дека СДСМ, нема да дозволи повторно воспоставување на системот ‘ало началниче’ во безбедносните и полициските структури“, нагласи Филипче.
Тој посочи дека ОЈО треба да го расчисти овој случај и истовремено побара да се утврди во која постапка, на кој начин и со кои документи Бојан Христовски е избран за асистент на Факултетот за безбедност.