Една жртва во земјотресот во Босна и Херцеговина
Загина 27-годишна девојка кога карпа паднала врз семејната куќа. Епицентарот на земјотересот е во херцеговскиот град Столац
Во силниот земјотрес што синоќа го погоди поширокото подрачје на Херцеговина загина едно лице. Настрада Елмира Сефо од Столац.
Земјотресот, кој најмногу ја потресе Херцеговина, а беше почувствуван низ цела Босна и Далмација, беше со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала. Босанските медиуми јавуваат дека најлошо било во Столац, каде паднала карпа врз куќа и тешко ја повредила Елмира Сефо (27), која почина од повредите.
Директорот на Здравствениот дом во Столац, Казимир Рагуж изјави дека во здравствената установа се пријавиле неколку повредени, од кои една била сега починатата Елмира Сефо. Таа беше веднаш префрлена во Мостар, но лекарите не успеаја да го спасат нејзиниот живот.
Зборувајќи за полесно повредените, Рагуж објасни дека најмногу се работи за гребнатинки, исчашувања на скочниот зглоб, со оглед на тоа што поради страв и паника сите се обидувале да побегнат од дома на безбедно.
„Имаше и полесни повреди на главата од паѓање на предмети во куќите, но ништо позначајно и посериозно. Сите се пуштени на домашно лекување“, заклучи директорот на Здравствениот дом во Столац.
По првиот исклучително силен земјотрес тлото продолжи да се тресе во текот на ноќта со нешто помал интензитет.
Секој поголем земјотрес обично е проследен со неколку помали потреси кои генерално не предизвикуваат материјални штети, но се природна појава по првиот и најсилен земјотрес.
Првиот земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала е регистриран синоќа во 23 часот и 10 минути. Тогаш тлото продолжило да се тресе, а според податоците на Федералниот хидрометеоролошки завод, во 1 часот и 34 минути е регистриран нов земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала.
Во текот на ноќта потреси се забележани во:
- 1:55 часот – 2,9 степени според Рихтеровата скала
- 2:02 часот – 2,6 степени според Рихтеровата скала
- 2:59 часот – магнитуда од 4,3 степени според Рихтеровата скала
- 4:20 часот – 4,4 според Рихтеровата скала
Епицентарот на сите земјотреси е кај Столац.
Тоа е екстремно сеизмичко подрачје. Првите информации укажуваат дека најсилниот земјотрес синоќа бил прилично „плиток“, односно дека епицентарот бил на само два километри.
Овој потрес значеше непроспиена ноќ за многу граѓани. Причинетата материјална штета во Столац беше најмногу во испукани ѕидови и уривања.