Една третина од јавните институции во Кочани се енергетски ефикасни


Енергетската ефикасност е една од приоритетните локални политики за заштита на животната средина во Кочани, и како резултат на реализираните проекти, над една третина од јавните институции обезбедуваат заштеда на енергија или сами ја произведуваат.

За нешто повеќе од три години инвестирани се околу 36 милиони денари, средства од меѓународни извори, од државниот и општинскиот буџет, со кои е извршена реконструкцијата и изградба на енергетски ефикасни објекти и фасади, обезбедени се субвенции за фотоволтаични колектори, како и за замена на постојните со ПВЦ прозорци и врати.

– Нова, енергетски ефикасна фасада добија Центарот за култура „Бели мугри“, Мултикултурниот центар, ОУ „Малина Попиванова“. Во изградба е новата детска градинка во Кочани, oбјект со најсовремена фотокаталитичка фасада, со ефект на 40 дрвца и можност да го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување. Општинската зграда и двете средни училишта во Кочани, „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викентиев“ имаат инсталирани фотонапонски системи, со што овие објекти сами произведуваат струја. Тоа значи намалени трошоци, а зголемена искористеност на сончевата енергија како обновлив извор, истакнува градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Во пречистителната станица за отпадни води со која стопанисува комуналното претпријатие „Водовод“ поставени се фотоволтаични колектори за електрична енергија, а се произведува и метан, како еколошки енергенс.

-На годишно ниво фотоволтаиците произведуваат над 698 илјади киловатчасови електрична енергија, со што покриваме околу 70 отсто од потребите за функционирање на пречистителната станица. Дополнително, на дневна основа се добиваат по околу 650 кубни метри биогас од кои годишно произведуваме 350 илјади киловатчасови електрична енергија. Како спореден производ од мешањето на отпадната тиња со оризовата слама, дневно се произведуваат 26 кубни метри компост, за кој сме во процес за запишување во Регистарот на органски ѓубрива на Република Северна Македонија и очекуваме да се користи за претстојната пролетна сеидба, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Со поддршка од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година што ја реализира Генералниот секретаријат на Владата, во функција се 30 инвертер клима уреди во основните училишта „Раде Кратовче“ и „Малина Попиванова“. Вложување во заштедата на енергија има и во ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

-Старото и неефикасно осветлување во сите училници и други простории во училиштето, како и во спортската сала е заменето со поекономични ЛЕД светилки. Исто така, поставени се нови внатрешни врати на сите простории во објектот, со оглед што старите беа од самото постоење на училиштето и веќе беа видно оштетени и нефункционални, истакнува Даниле Кралев, директор на ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

Локалната самоуправа на Кочани почна да применува и мерки за намалување на загадувањето на воздухот, со користење поеколошки начини на затоплување и превоз на граѓаните.

-За да се подобри животната средина и да се намали загадувањето на воздухот, во изминатите две години од општинскиот буџет беа наменети 3,3 милиони денари за субвенционирање на близу двеста и шеесет домаќинства кои се определија да ги заменат грејните тела на дрва, јаглен, нафта или мазут, со печки на пелети или со инвертер-клими. За стимулирање на жителите за користење превоз што не ја загадува околината, Општина Кочани воведе и субвенции за велосипеди. Освен тоа, продолжува и воведената практика за јавен градски превоз за кој од општинскиот буџет се субвенционира половина од цената на билетот, додаде градоначалникот Илијев.

Една од најголемите придобивки во заштитата на животната средина е што во ноември 2020 година дел од Осоговските Планини, со одлука на Владата беа прогласени за заштитено подрачје – заштитен предел V категорија.

По повод 5 Март – Меѓународниот ден на енергетската ефикасност, градоначалникот на Кочани упати повик до сите граѓани за разумно користење на енергијата, со што заеднички ќе покажат поголема грижа кон животната средина.