Една недела се трага по двегодишно дете во Франција – се проверува политичката заднина на родителите


Прекината е теренската потрага по двегодишното момче Емил, кое исчезна пред една недела за време на семеен одмор со неговите баба и дедо во селото Хаут-Верне, јужно од Гренобл на француските Алпи. Момчето си играло во градината од куќата кога исчезнало.

Таткото на Емил бил поврзан со неофашисти
Полицијата сѐ уште нема информации за неговата судбина. Масовната потрага, која траеше четири дена, вклучуваше дронови со термални камери, хеликоптери и кучиња трагачи и 500 доброволци, пишува британски Индепендент.

Полицијата сега ги анализира информациите што ги собрала досега, а локалниот обвинител Реми Авон изјави дека станува збор за голем број податоци. Таткото на момчето, Колумбан Солеил, некогаш бил поврзан со екстремно десничарската група Француска акција и неофашистичката група Социјален бастион. Семејството ја поддржуваше партијата Реконквест, предводена од контроверзниот десничарски полемичар Ерик Земур.

Дали момчето е убиено или киднапирано?
Истрагата се проширува и во други делови на Франција по неуспешната потрага околу селото Верне. Теренот во областа за пребарување е ридски, испресечен со многу потоци, а регионот е зафатен од топлотен бран со температури до 35 Целзиусови степени.

Обвинителот рече дека потрагата на терен не може да напредува поради недостаток на траги и дека иследниците ја разгледуваат можноста Емил да бил убиен или киднапиран. Тој, исто така, предупредил на лажни онлајн профили кои биле отворени под името на Емил, а семејството побарало овие профили да се затворат за да се спречи измама.