Една недела пред изборите Борисов отиде да се види со Ердоган


Веројатно во обид да привлеќе дел од муслиманските гласачи на една недела пред изборите поранешниот бугарски премиер и претседател на ГЕРБ, Бојко Борисов, замина во Турција да се види со претседателот Реџеп Таип Ердоган. Информацијата за посетата беше објавена со кратко видео на Фејсбук во кое двајцата лидери се пофалија еден со друг за успешно справување со миграцијата.

Борисов истакна дека бугарските муслимани се мост на пријателството меѓу двата народа и Ердоган му посака успех на изборите. Немаше претходна најава за состанокот.

Ердоган и Борисов се во добри односи, а по изборите на 4 април, во разговорот меѓу двајцата, турскиот претседател го прогласи изборниот резултат на ГЕРБ за „победа“, фалејќи го Борисов.

Турција е на второ место според најголемиот број нови избирачки места што се отворија во странство за изборите – 112, по Велика Британија со 135.

Неодамна во предиборна визита кај Ердоган беше и лидерот на партијата бугарските Турци, Мустафа Карадај.