Една може! бара редефинирање на владинита мерка за самохрани мајки од четвртиот пакет


Граѓанската организација за унапредување на правата на родителските семејства – Една може! бара итно реобмислување и реформирање на мерката за самохрани родители и еднородителски семејства од четвртиот антикризен пакет на Владата.

Според Една може!, документите од Матичната книга (родени, умрени, венчани) кои се бараат при аплицирањето, се издаваат во рок од пет до 10 дена и ова е првата неможност за користење на мерката. Втората неможност се однесува на онлајн страната „Купувам домашно“, на која податоците не се целосно ажурирани и не секој граѓанин може да провери дали одредената мерка се однесува за него, укажува Здружението.

-Меѓуопштинскиот центар за социјални работи е најсоодветен по службена должност да ги обезбеди потребните документи за секоја самохрана мајка што ќе се пријави, а треба да се промени и остварениот приход од јануари – август од 120.000 на 200.000 денари за да ги опфати сите самохрани мајки кои земаат плата под просечната, смета Една може! и нагласува дека ваквите проблеми се резултат на креирање на мерката без консултирање со експертската јавност и граѓанскиот сектор кој работи на унапредување на правата на целната група – самохрани родители и еднородителски семејства.

Здружението посочува и дека на 14 декември веб страницата на Службен весник од 7 декември била целосно недостапна за граѓаните. Тој ден, всушност, на страницата било назначено што е самохран родител и што треба да поднесе од документација ако сака да аплциира за мерката.

Една може! во соопштението до медиумите пренесува и низа реакции, како и коментари кои пристигнале на нејзината онлајн платформа од жени-самохрани мајки кои не успеале да аплицираат за мерката.