Една година од затворањето на Еуростандард банка – штедачите уште бараат одговори

Една година по затворањето на Еуростандард банка, штедачите и депонентите на банката и натаму чекаат одговори од надлежните што довело до пропаѓање на банката, како и за тоа кои биле виновниците.
„Тоа беше црн ден за повеќе од 700 физички и над 2.000 правни лица, депоненти на банката, денес доверители во стечајната постапка. Овој ден значеше неизвесност и донесе несоница за повеќе од 3.000 семејства кои останаа без сопствените средства, без животната заштеда, некои и без средства за живот. Агонијата за овие семејства трае еве точно една година. Агонијата трае, но надежта и борбата да се истрае во намерата средствата да бидат вратени и виновниците казнети не стивнува“, порачаа денеска од здружението „Правда за штедачи“, кое ги обединува оштетените физички и правни лица од стечајот на Еуростандард банка.
За потсетување, пред точно една година беше ставен клуч на Еуростандард банка, откако Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа поради, како што стои во образложението на одлуката, заради несолвентност, односно поради тоа што адекватноста на капиталот на банката била пониска од една четвртина од пропишаната во Законот за банки.
Од „Правда за штедачи“ потсетуваат дека преку серијата нивни активности изнеле низа аргументи и информации за како што велат, „лошите пласмани, несоодветната контрола од надлежните државни институции, особено од Народната банка, сомневањата за криминал на раководниот тим на банката, несоодветно следење на текот на парите од институциите задолжени за тоа, апострофирање на повеќе корисници на кредити каде се давани нашите депозити без соодветно, некаде речиси и без никакво обезбедување“.
„Во целата состојба затаија само тие до кои најчесто беа упатени повиците и кои требаше да бидат најревносни – државните органи што требаше да ја пресретнат целата состојба и да преземат конкретни мерки за утврдување на одговорност. На нивната акција се уште чекаме“, посочуваат од „Правда за сите“.
Притоа, нагласуваат дека најрелевантен настан кој ја враќа надежта дека нивната борба нема да биде залудна е одлуката на Уставниот суд од 25 мај оваа година, со која беше укинат член 163 став 3 од Законот за банки.
„Според експертските мислења со кои се консултираше нашето здружение, оваа одлука мора да биде имплементирана од органите кои ја водат стечајната постапка, и тоа согласно член 80 од Деловникот на Уставниот суд и правното мислење на Врховниот суд од месец октомври 2019 година. Затоа, очекуваме дека на нашето прашање како понатаму, многу скоро, по завршување на таканаречената судска ферија, која патем, завршува за три дена, ќе добиеме одговор. Одговор со кој Одлуката на Уставниот суд ќе мора да се почитува, што ќе значи дека Фондот за осигурување на депозити повеќе не ќе може да биде доверител во стечајна постапка на банка за износите исплатени по основа на осигурените депозити на физичките лица“, се вели во денешното соопштение на Здружението.
Со тоа, како што додаваат, физичките и правни лица доверители во Еуростандард банка, ќе добијат можност за наплата на своите побарувања од стечајната маса во целост, без никој да биде оштетен, како и дека оштетените физички и правни лица од Еуростандард банка не бараат обесштетување преку јавни средства од буџетот на државата, туку за нивно целосно обесштетување има доволно средства во стечајната маса на банката.
„Потребна е само доследна примена на Одлуката на Уставниот суд од 25.05.2021 година за тие да ги добијат сопствените средства“, велат од „Правда за сите“, од каде што велат дека во моментов, во стечајната маса има доволно средства.
Инаку, пропаста на Еуростаданрд банка беше најзначаен настан кој минатата година ја обележа и работата на Фондот за осигурување на депозити, што е посочено и во Годишниот извештај за работењето на ФОД во 2020 година. Во него се псочува дека исплатата на обесштетувањето на 137.107 депоненти со право на обесштетување започна на 15.09.2020 година, преку четири банки – исплатувачи. До 31.12.2020 година беа исплатени 85,1 отсто од вкупно пресметаното обесштетување во Еуростандард банка АД Скопје во стечај и тоа на 10.800 депоненти.
Пропаѓањето на Еуростандард банка имаше, за среќа, само привремено влијание и врз растот на депозитите на населението. Така, според истиот документ на ФОД, пред почетокот на пандемијата во месеците јануари и февруари 2020 година, месечниот раст на депозитите на населението изнесувал 0,04 отсто (декември 2019:јануари 2020) и 0,87 отсто (јануари 2020:февруари 2020).
При воведување на првите мерки за заштита од ширењето на заразната болест COVID 19, во март 2020 година, месечниот раст изнесува 0,05 отсто (февруари 2020:март 2020), а потоа во април 2020 се забележува минимално зголемување на растот од 0,53 отсто (март 2020:април 2020). Во мај 2020, растот на депозитите изнесува 0,29 отсто (април2020:мај 2020), во јуни 0,83 (мај 2020:јуни 2020) и во јули 2020 0,49 отсто (јуни 2020:јули 2020).
Во август 2020 е забележан најголем пад од -2,1 отсто (јули 2020:август 2020), што се должи на ризичниот настан кој се случи во Еуростандард банка АД Скопје во стечај, се вели во извештајот на ФОД.
Сепак, ова негативно влијание било привремено, што се гледа и од податоците за наредните месеци: по овој настан, во септември 2020 има пораст од 0,92 отсто (август 2020:септември 2020), и повторно пад од -0,26 отсто во октомври 2020, што пак може да е последица на големиот бран новозаболени од COVID 19 во тој период. Во месеците ноември 2020 и декември 2020 има повторна стабилизација на растот на вкупните депозити на население и тоа 0,30 отсто во ноември 2020 (октомври 2020:ноември 2020) и 2,17 отсто во декември 2020 (ноември 2020:декември 2020).