Една година без Балашевиќ- нашиот живот веќе не е ист


Фото: Б. Грданоски

Една година без единствениот Ѓорѓе Балашевиќ кој почина на 67-годишна возраст на 19 февруари минатата година, од последици на коронавирусот на Инфективната клиника во Нови Сад.

Концертот на Балашевиќ во мај 2018, последниот во Скопје, беше концерт ко концерт, што да се раскажува…Парада на добро расположение, многу пиво и познати лица во публика. Песните ни по 40 години не избледнуваат, убавите ги потиснуваат неубавите спомени од животот, ама порачувате пијачка, и така тоа почнува, па пристигате кај сватовите на бившите девојки, што да ви кажам сите вистински љубови и концерти на Џоле се тажни…

Фото: Б. Грданоски

Три и пол часа регионалната поп-ѕвезда од Нови Сад пееше за неговиот и нашиот живот во преполната Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.

Џоле ко Џоле, и на 65 години беше истиот. Со истиот хумор, ироничен, југоносталгичен, без влакно на јазикот, со некое кило повеќе, во фармерки, блузон и бели патики…

Фото: Б. Грданоски

И по четврти пат во Скопје, на концертите на нашиот омилен кантавтор, се мешаа радоста, среќата, шегата и сериозната политика, животот е еден момент циркус, еднаш звучи во д-мол, некогаш ви заличува дека сѐ отишло во Хондурас, а некогаш стигнувате до дното …

…  Таа беше убава ама сиромашна, да знаеше ќе ја земеше… Сакаш еднаш во животот, богата или сиромашна, тоа не го избира паметот туку срцето … Никому не му зборувате за тоа, брзо доаѓа тој бран и знаете дека ќе потонете. Спас ви носат Циганите и тамбурашите, тие имаат срце, за секој од нив, баш им е гајле за вас, тие прашуваат што да свираат…Тој сѐ имаше, всушност ништо немаше… Во војска стекнувавте пријател до гроб, и хронично запалење на зглобови. Сувенир на стражарските денови… Сите, и старите и новите генерации, во животот имаме по дел од приказната за Васо Ладачки…

Фото: Б. Грданоски

Секогаш ќе го сакаме и ќе се сеќаваме на Џоле. Тој е легенда за неколку животи. Колку да се чувствуваме поубаво.