Една европска земја сега може да забрани ЛГБТ настани според Уставот! Премиерот тврди дека им е важен здравиот разум

„Го штитиме развојот на децата, потврдуваме дека човекот се раѓа како маж или жена и цврсто се спротивставуваме на дрогата и странското мешање“, рече премиерот на Унгарија, каде ЛГБТ настаните можат да бидат забранети според Уставот.
Унгарскиот парламент го усвои 15-тиот амандман на Уставот, со кој на извршната власт и се дава уставно право да ги забрани ЛГБТ настаните и активностите за кои смета дека се штетни за развојот на децата или го загрозуваат јавниот ред, јавува агенцијата Анадолија.
Во амандманот, полот е строго дефиниран како биолошки факт, со тврдење дека луѓето се раѓаат како машки или женски пол, а се однесува и на обврската за заштита на малолетниците од, како што наведува Владата, „штетни идеологии“.
Надлежните тврдат дека уставните измени се насочени кон зајакнување на традиционалните семејни вредности и заштита на децата од надворешни влијанија.
Орбан: Ги штитиме децата
Новите уставни одредби и даваат на владата можност да ги ограничи или целосно да ги забрани ЛГБТ настаните, особено оние кои вклучуваат деца или организирани на јавни места. Критичарите предупредуваат дека тоа може да доведе до масовни забрани за организирање паради на гордоста и слични јавни собири.
Покрај одредбите поврзани со ЛГБТ заедницата, амандманот носи неколку дополнителни измени:
– Уставното право да се користи готовина во секојдневните трансакции,
– Ограничување на вонредните овластувања на владата,
– Можноста за дејствување против организации кои се финансираат од странство, а се оценети како закана за националниот суверенитет.
Премиерот Виктор Орбан го поздрави усвојувањето на амандманот.
„Го штитиме развојот на децата, потврдуваме дека човекот се раѓа како маж или жена и цврсто се спротивставуваме на дрогата и странското мешање. Здравиот разум има важно место во Унгарија“, рече Орбан преку социјалните мрежи.
Опозиција: Напад врз граѓанските слободи
Лидерите на опозицијата и организациите за заштита на човековите права остро ги критикуваа овие уставни измени оценувајќи ги како сериозен удар врз граѓанските слободи. Тие предупредија дека оваа насока отвора простор за дополнителни ограничувања на слободата на изразување, собирање и правата на малцинствата.