Една брошура за улиците и многу политичка врева во Битола


Откако прв пат за 3,5 години Општината издаде брошура за реконструираните улици таа беше дочекана на нож од опозицијата во градот. И едните и другите зборуваат за паника пред локалните избори

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Печатена брошура во која низ фотографии и текст се прикажани сите обновени улици и на оние на кои во моментот се врши реконструкција, издадена од Општина Битола ја крена на нозе политичката јавност во градот.

Брошурата за новиот асфалт на улиците, која општината ја печати и дистрибуира до граѓаните за првпат во ваков формат после три и пол години од владеењето на градоначалничката Наташа Петровска, влезе во „кошот“ на предизборието. Досега Петровска не практикуваше ваква промоција на нејзината работа, со оглед на тоа што во досегашното работење издаде само еден печатен информатор и еден електронски, промовирајќи ги реализираните проекти.

За разлика од неа, битолчани се сведоци дека бившиот градоначалник Владимир Талески во неговите 12 години владеење, редовно печатеше општински информатори со по 10.000 илјади примероци, на висококвалитетна хартија во колор техника, кои наликуваа на алманах, повторувајќи ги едни те исти проекти.

За разлика од тогашниот формат А4 на информаторот А4, кој не го собираше во поштенските сандачиња, сега брошурата е во двојно помал формат и незначителен број страници. Во печатена брошура низ колор фотографии и текст се прикажани улиците каде општината поставила нов асфалт, нова подземна инфраструктура, а објавена е и комплетната финансиска конструкција за секоја улица, што не беше случај во информаторите на Талески.

„Финансискиот и илустриран извештај за инфраструктурните проекти кои се завршени и се реализираат на повеќе улици во Општина Битола, служи за зголемување на информираноста на граѓаните за реализацијата на средствата од општинскиот буџет, согласно начелото за транспарентност“, велат од општина Битола за „Независен“.

Тиражот на брошурата е 2.500 примероци, по постапка за јавна набавка.

Како што информираат од општината, содржинската подготовка и дистрибуцијата е извршена исклучиво од лица вработени во Општина Битола, согласно нивниот опис на работни цели и задачи, по правилникот за систематизација на работните места. Талески информаторот го дистрибуираше до граѓаните преку инсертирање во национални весници и преку месни заедници.

„Ова не е прво печатење на брошура од страна на Општина Битола во изминатите 3,5 години. За разлика од изминатиот период пред оваа локална самоуправа, не се потрошени милионски суми на луксузни брошури од стотици страници“, стои во одговорот од општината, без да се наведе износот за печатењето.

За битолската опозицијата брошурата е само скап политички маркетинг спроти локалните избори, платен од џебот на граѓаните.

„Сите активности на општина Битола во овој период се предизборна паника под мотото – избори се ближат. Самата насловна страница на брошурата повеќе наликува на Битола меѓу двете светски војни, отколку Битола во 21. век. Бркате скап политички маркетинг од џебот на граѓаните, а под асфалтот се оставени старите азбестни цевки, што значи дека пак ќе се копа. Сето ова го прикажувате како градежна офанзива на Петровска, а всушност станува збор за најнормални редовни активности кои требаше да се изведуваат непречено и континуирано во изминатите 4 години, а не да се започнат на 5 месеци пред избори“, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Од владеачкото мнозинство одговорија дека требаше да се отпечатат повеќе брошури за сите реализирани проекти досега, за опозицијата да се потсетува, а граѓаните да се информираат.

„Паниката почнува да расте, ама кај опозицијата, затоа што сѐ она што тука го носевме како одлука во изминатите четири години, сѐ она што го планираше Општина Битола, се реализира во сите сфери. Требаше 10 такви брошури да се направат за сите области во кои Општина Битола вложила – најнапред ги одблокиравме училиштата, а потоа ги реконструиравме, го обновивме Офицерскиот дом, ги подобривме влезовите во градот, во тек е реконструкцијата на најдолгата улица ‘Илинденска’. Спортот го оставивте на најниско ниво, го донесовме на највисоко ниво“, рече советникот и координатор на советничката група на СДСМ, Методија Илиевски.

Градоначалничката Наташа Петровска смета дека битолчани ќе знаат да го ценат направеното, зашто не е нејзина вина што се соочила на три пати со избори и еден референдум во изминатите три години, што според неа го отежнало спроведувањето на програмите.

„Најдоблесно е да кажете дека и во такви оптоварувања имаме локална самоуправа која што има градежна офанзива, која успеала да го стабилизира буџетот, да направи проекти, да ги подготви инфраструктурните зафати и да ги реализира со стабилен буџет. Ние сме општина којашто може веднаш по завршувањето да ги исплатиме градежните работи. Длабоко сум убедена дека битолчани сето ова умеат да го ценат“, изјави градоначалничката Петровска.  

Скромната пи-ар стратегија на градоначалничката Петровска во првите две години од власта, и сегашната засилена промоција на општинските активности и проекти предизвика различни реакција кај граѓаните и кај опозицијата. Едни одобруваат, други негодуваат. Општината според Законот за локална самоуправа и нејзиниот Статутот има обврска за информирање на граѓаните преку издавање и дистрибуција на информативни билтени до граѓаните и тоа на месечна основа.