Единствениот преживеан кадет од украинскиот авион: Не излегов од авионот

 

Единствениот кадет што преживеа при падот на украинскиот воен авион кај Харков опиша што се случувало во разговор со претставници на локалната администрација.

„Се беше како во компјутерска игра“, вели тој.

„Тој не се сеќава на се. Во еден момент изгубил свест, а потоа кога се освестил, се извлекол од урнатините на авионот и почнал да го гасне огнот од еден свој колега“, рече шефот на администрацијата во Харков, Алексеј Кучер.

Како што додаде, кадетот не скокнал од авионот за да се спаси, како што се мислеше првобитно.

Преживеаниот кадет во болница го посети и претседателот на украина Владимир Зеленски, кој денеска го посети местото на несреќата.

Воено-транспортниот авион Ан-26 падна во петок вечерта во близина на градот Чугујев во Харковската област при тренажен лет. Во авионот имало 27 лица, седум членови на посадата и 20 кадети, а на еден кадет не му било дозволено да лета. Загинаа 26 луѓе.

Двајца успеаја да се извлечат од паднатиот авион, но едниот почина во болница.

Уште вчера медиумите пренесоа дека најверојатно причина за падот на авионот била неисправност на моторот. Мајката на едне од починатите ја поткрепува тезата, затоа што нејзиниот син ден претходно ѝ рекол дека авионот не е исправен и дека му откажуваат моторите.