Еди Рама во Софија – не сакал да се меша во спорот со Скопје
Откако постави блокада за Македонија во ЕУ, бугарскиот премиер Стефан јанев му рекол на Еди Рама дека „билатералните проблеми не треба да се решаваат на меѓународна сцена“
Пред европскиот самит за две недели, албанскиот премиер Еди Рама од денеска е во дводневна посета на Сопфија во обид да ја добие поддршката на Бугариија за почеток на преговорите со ЕУ и да дознае дали тоа може да биде запрено поради бугарската блокада на Македонија.
Двајцата лидери разговараа за билатералните односи и актуелните прашања од европската агенда на Албанија и патот на Албанија кон ЕУ. Друг фокус на разговорот беше на можностите за понатамошна соработка од заеднички интерес во голем број сектори како што се економијата, земјоделството, рударството, енергијата и високата технологија.
Бугарскиот премиер Стефан Јанев на прес-конференцијата по разговорите во четири очи изјави дека односите со Албанија се развивале добро и двете земји немале отворени прашања. „Бугарското национално малцинство има добар прием“, рече Јанев, како што јавуваат бугарските медиуми.
Според него, „проблемите со Македонија може да се решат само на билатерална основа без вмешување. Билатералните проблеми не треба да се решаваат на меѓународна сцена“, соопшти Јанев, иако Софија ги постави бугарските барања околу историјата, јазикот и идентитетот на меѓународната сцена преку блокадата во ЕУ. Тој рече дека Софија останува на рамковната позиција.
Еди Рама, разбирајќи ја деликатноста на албанската позиција, изјави: „Не можам да заземам страна за работите да не станат уште покомплицирани. Ги поддржуваме двете земји – Македонија и Бугарија да разговараат и да го решат проблемот едни со други. Се разбира, ЕУ прави големи напори, но тоа зависи од Бугарите и од Македонците“.
Според Рама, во соработката со Бугарија нема никакви проблеми. Рама рече дека Албанија е модел за односи со малцинствата и ги исполнува стандардите на ЕУ. Рама уште изјави дека сите го потенцирале фактот дека „бугарското малцинство во Албанија ужива во полни права“.
„Ние ќе ги почитуваме сите пријателски земји, Бугарија и Македонија мора да ги решат проблемите. Останатите не можат да го заменат она што треба да го сторат обете страни. Бугарија како членка на ЕУ е зрела и располага со сè и се сеќава кога се наоѓаше во поинаква ситуација“, рече Еди Рама.