Еди Рама не очекува ништо од самитот на ЕУ во март


Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека не очекува ништо од самитот во март, на кој лидерите на ЕУ треба да се вратат на прашањето за проширувањето и пристапувањето на неговата земја во блокот.

„Да не зборуваме за датуми и месеци. Март не постои“, рече тој пред новинарите во Брисел кога го прашаа за можноста на состанокот на Европскиот совет во март да биде даде зелено светло за да започне процесот на пристапување за Албанија и Северна Македонија, објави „Политико“.

Рама беше во европската престолнина да присуствува на конференцијата за донатори за да собере средства за реконструкција на делови од земјата по земјотресот во ноември, во кој загинаа повеќе од 50 лица. На прашањето како ја коментира блокадата на натамошното проширување на ЕУ од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, Рама одби да се вклучи кон бранот критики.

„Навистина мислам на него како голем пријател на Албанија и мој, а тој тоа го покажа кога ја имавме оваа трагедија“, рече тој осврнувајќи се на земјотресот. Тој додаде дека француските трупи направиле „фантастична работа“ спасувајќи ги жртвите од урнатините.

Рама призна дека Макрон има легитимни аргументи за промена на процесот на проширување.

„Не можам да кажам дека тој не е во право кога зборува за потребата од реформа на Европската Унија, кога зборува за потребата да се направи процесот на проширување нешто што е практично, што е опипливо, што е одговорно“, рече тој. Рама сепак призна дека запирањето на пристапувањето во Албанија е „политички земјотрес“, истакнувајќи ги судските реформи што веќе ги направи земјата.

На прашањето дали го дели гледиштето на Макрон дека некои лидери биле лицемерни за проширувањето – давајќи коментари во јавноста кои не се во согласност со она што тие го кажуваат приватно – Рама исто така усвои дипломатски такт. „Јас сум многу повисок од него, но јас сум премиер на Албанија, а тој е претседател на Франција. Тој навистина може да си дозволи да каже сè што мисли за неговите колеги, но јас не можам“.