Еди Рама и Најџел Фараж во војна на интернет: Лекции за Албанците, криминалот и статистиката

Албанскиот премиер го обвини десничарскиот популист дека шири лажни бројки за Британија по „Брегзит“ и за криминалот меѓу Албанците


Илустрацијата генерирана од вештачката интелигенција која ја објави Еди Рама на својот профил на Икс

 

Албанскиот премиер Еди Рама и британскиот политичар и жесток поборник за „Брегзит“, Најџел Фараж, влегоа во жестока дебата на социјалната мрежа Икс во врска со стапката на криминал кај албанското население во Велика Британија.

Критиките на Рама кон Велика Британија по излегувањето на земјата од Европската унија го налутија еден од најгласните поборници за „Брегзит“. Откако Рама изјави за „Гардијан“ дека планот на премиерот Кир Стармер да ги испрати одбиените баратели на азил во странство покажува дека Британија по „Брегзит“ е во „многу темно место“, Фараж реагираше на свој начин – со стигматизација на албанската заедница во Велика Британија.

Во изјава за медиумите, Фараж го повика Рама да „ги прими назад своите криминалци“.

„Знаете што, господине Рама, дали знаевте дека секој 50-ти Албанец во Велика Британија е во затвор? Затоа, покажете малку добра волја и вратете ги сите утре, бидејќи ова е лицемерие“, рече Фараж.

Рама брзо одговори на својот официјален профил на Икс, повикувајќи го Фараж да користи реални бројки, а не со класиката од брегзитовите правила за пост-вистината: Ако звучи застрашувачки, мора да е вистина“.

„Погодете што? Кога бројките навистина ќе се пресметаат – изненадување! – дури и ако претпоставиме дека секој Албанец што моментално е во затвор е виновен (а всушност, многумина се заробени во застарен и рестриктивен визен систем), стапката на криминал кај Албанците во Велика Британија не би била повисока од – а веројатно и пониска од – онаа кај самото британско население“, истакна Рама.

Потоа го предизвика Фараж: „Ако вашето тврдење ‘еден од 50’ е вистина – јас лично ќе се обврзам да ги прифатам сите (…) Тоа е јавна обврска. Но, ако вашата застрашувачка статистика се покаже како само храна за таблоиди, тогаш нема потреба да се извинувате. Нема драма. Наместо тоа, ќе дојдете во Албанија – како мој почесен гостин. Ќе добиете вистинско сонце, вистинско гостопримство и уште пореални факти – за Албанија и нејзините големи луѓе. И сè што барам за возврат е наједноставниот јавен завет од вас, даден додека уживате во нашата земја: следниот пат кога некој ќе ги оцрни Албанците, вие ќе бидете првиот што ќе им каже – на вашиот театарски начин – да престанат да го прават тоа“, рече албанскиот премиер.

Фараж го прифати предизвикот и ги даде своите бројки: „Во Велика Британија има 53.000 албански државјани, а 1.099 се во нашите затвори. Тоа е всушност 1 од 48. Ќе го замолам министерот за внатрешни работи да организира сите овие затвореници да ви бидат вратени. Ви благодарам за вашата соработка“.

Рама процени дека бројките не се силната страна на Фараж и дека неговиот „список“ на Албанци во Британија, како што изјави, е особено смешен.

„Тврдите дека има 53.000. Всушност, бројот е далеку поголем – многу пати поголем. Но, да се држиме до вашиот извор: ‘Телеграф’, кој прв ја објави теоријата „еден од 50“, а подоцна призна: Анализата веројатно ја потценила големината на албанското население, бидејќи не ги зема предвид нелегалните мигранти, вклучувајќи повеќе од 12.000 кои пристигнале со мали чамци во 2022 година. Некои проценки сугерираат дека всушност би можело да бидат дури 140.000 – што би значело дека помалку од еден од 100 е во затвор“, истакна албанскиот премиер.

Потоа британскиот десничар беше прашан колку Албанци се всушност осудени за кривични дела неповрзани со британскиот „застарен систем за имиграција и визи“.

„Да, бројките можат да бидат здодевни – но се и тврдоглави. А кога некој постојано ги толкува погрешно, вистинското прашање е: Зошто да се истрајува“, праша Рама.

Фараж возврати дека бидејќи Рама тврди оти во Британија има илјадници нелегални мигранти, тоа значи дека бројот на криминалци во албанската заедница не е еден од 50, туку можеби еден од тројца или четворица.

„Ја прифаќам поканата на премиерот Еди Рама да ја посетам Албанија како негов почесен гостин. Ќе разговараме за враќањето на албанските затвореници“, рече Фараж саркастично.

Потоа Рама оцени дека Фараж изгледа решен да истрае во својата грешка и затоа му понуди дополнително појаснување.

„Според податоците на албанската амбасада во Велика Британија, институција која се занимава со реални луѓе, а не со клишеа за ‘Брегзит’, бројот на Албанци во вашата земја не е 53.000, како што првично сугерираше ‘Телеграф’. Всушност, во истата статија, се признава, и цитирам, ‘анализата веројатно ја потценила големината на албанското население’. Потоа се шпекулира дека бројката може да биде и до 140.000. Всушност, г-дине Фараж, погодете што? Бројката е далеку над 300.000, човече! Ова се луѓето кои ги учат вашите деца, кои се грижат за вашите стари и болни. Тие не се месо за пропагандата по ‘Брегзит’. Тие се дел од живото, дишечко ткиво на вашето општество“.

Тој, исто така, оцени дека изјавите на Фараж не се статистика, туку тактики на заплашување прикриени како податоци.

„Затоа, дозволете ми отворено да ве прашам: зошто е толку тешко да признаете дека сте направиле грешка без да влечете низ калта цела заедница од одлични, вредни луѓе кои ѝ служат на вашата земја со достоинство како да е нивна“, праша Рама, со повторена покана до Фараж да ја посети Албанија и хумористична илустрација генерирана од вештачка интелигенција на која тој и британскиот политичар уживаат на плажа на Јадранот обвиткани еден со друг со знамиња. (Н1)