Еден род, една партија – научил ли Мицкоски нешто од грешките на Груевски


Откако на изборите во 2016 година ВМРО-ДПМНЕ , тогаш предводена од Никола Груевски, се „лизна“ со Тиранската платформа и целосно го уништи својот коалициски капацитет и потоа замина во опозиција,  денеска истата партија, но под палката на Христијан Мицкоски, повторно е на тенок мраз кога е во прашање темата не меѓуетничките односи и нивната промоција и унапредување.

Острината со која ја искоментира изјавата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дека неговата партија е мултиетничка во која доминираат Македонци и отворена за сите етнички заедници, исто како и државата, не покажува дека Мицкоски научил нешто од лошото искуство на ВМРО-ДПМНЕ од пред три години. Тој го обвини Заев дека се откажува од својот род.

„Денеска ние се наоѓаме пред еден таков историски предизвик, којшто е многу значаен не само за Македонија, не само за македонската нација, туку и за сите граѓани во оваа држава. Зошто? Затоа што на овие избори за прв пат ќе имаме една македонска политичка партија, неколку албански и една партија којашто е, не знам како да ја наречам. Бидејќи вчера лидерот на таа политичка партија јавно кажа дека се одрекува од родот свој. Јас барем така го сфаќам тоа, дека изјавата на Зоран Заев гласи дека веќе СДСМ не била македонска политичка партија, туку била мултинационална со доминантно македонско гласачко тело“, изјави вчера Мицкоски

Оваа изјава на Мицкоски ја отвора дилемата дали тој сака партијата да ја направи прифатлива и за другите етнички заедници или само за Македонците. Тврдиот национализам можеби ќе „забетонира“ дел од гласачкото тело, кое и онака ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ, но сигурно нема да ги отвори вратите за лесна постизборна соработка со партиите на Албанците, кои ќе му бидат неопходни доколку сака ВМРО-ДПМНЕ да стане владејачка партија. Евентуалниот албански партнер на Мицкоски ќе треба да им даде сериозна аргументација на своите гласачи зошто се одлучил за соработка со партија, која отворено застана против усвојувањето на Законот за употреба на јазиците и која остана осамена во спротивставувањето на клучните проекти во изминативе години – уставните промени, Договорот од Преспа и Законот за јавно обвинителство.

Зоран Заев, пак, сака да го прошири повикот кон сите граѓани, иако ризикува да за загуби дел од македонските гласачи. Тоа игра на жица за него. Тој не само што пошироко  ги отвори  вратите на партијата за сите етнички заедници, туку и најавува можност и за предизборна коалиција со една или две партии на Албанците. Доколку тоа се реализира, за првпат во Македонија ќе се случи предизборна македонско-албанска коалиција.

„Остануваме отворени за соработка со сите, затоа што ние веројатно сме единствениот политички субјект кој заради нашиот влог што сме го направиле во минатото, денес да може да соработуваме со сите, секако освен со ВМРО-ДПМНЕ. Секако ние прво ќе носиме одлука што е најдобро за државата, а потоа и за тоа како е најдобро СДСМ да се позиционира во пресрет на победата што ја очекуваме. Подготвен сум да разговарам со сите за евентуални идни соработки, а во тие разговори интересите на државата да ги ставиме на прво место“, изјави неодамна Заев.

Резултатот од изборите што ќе се одржат на 12 април ќе биде исклучително важен и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ, но искуството погласањето во 2016 година покажа дека тој може да биде само стартна основа во процесот за создавање парламентарно мнозинство и владина коалиција. (Н.В.)