Еден претседател – четири претседателски плати


 

Близу 110 илјади денари изнесуваат највисоките плати за избрани и именувани функционери во државата, чии месечни приходи се вреднуваат со коефициент 4,5. Покрај актуелните претседатели на државата, Владата и на парламентот Стево Пендаровски, Зоран Заев и Талат Џафери, толкави месечни примања имаат и двајцата поранешни шефови на државата – Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, како и сопругата на загинатиот претседател Борис Трајковски – Вилма Трајковска. Платите на поранешните станари во претседателската резиденција на Водно, според информациите, се исплаќаат од буџетот на актуелниот шеф на државата. За нивното обезбедување, пак, е задолжено МВР, додека преку Службата за општи и заеднички работи на Владата се исплаќаат платите на вработените во кабинетите на поранешните претседатели и другите трошоци за одржување на нивните нови канцеларии. За таа цел, во буџетот на СОЗР за оваа година се предвидени 9.200.000 денари, што значи дека за привилегиите на експретседателите годишно се трошат по околу 150 илјади евра, во кои не се вклучени доживотните претседателски апанажи во висина на платата на актуелниот шеф на државата.

Третиот претседател на Македонија – Црвенковски веќе една деценија ги користи привилегиите што му се овозможени по завршувањето на мандатот. Неговата канцеларија како експретседател е во централното подрачје на Скопје на само неколку стотина метри оддалеченост од централата на СДСМ, на чие кормило беше долги години. Но, откако му ја препушти лидерската палка на Заев, Црвенковски, главно, се држи на дистанца од политичките случувања во земјава, а „јавна тајна“ е и дека не комуницира често со својот наследник на „Бихаќска“.

Социјалдемократите не го споменуваат Црвенковски во реакцијата што ја испратија на адреса на Иванов, по барањето на Антикорупциската комисија СОЗР да ги раскине договорите за закуп на просториите на поранешните претседатели и да им додели канцеларии што се сопственост на државата. По оваа барање на ДКСК, од СДСМ реагираа дека Иванов и во пензија продолжува со расипничко трошење на парите од буџетот.

– Срамно и неодговорно е Иванов да ја демантира ДКСК и да тврди дека не плаќа месечен закуп од 4.500 евра туку „само“ 1.950 евра. Научен на расипништво и непочитување на институциите Иванов треба да знае дека вкупните месечни трошоци изнесуваат 4.500, во кои влегува и киријата од 1.950 евра за канцеларискиот простор, како и плаќање на комуналните сметки, плати за тројца вработени и еден возач и пензијата на Иванов – се наведува во реакцијата на СДСМ.

Од СДСМ посочија дека ако се погледне во алатката за отчетност, за мај 2019 година, вкупните трошоци во ставката „закупнина за стан за функционери кои живеат надвор од Скопје“ изнесува 157.760 денари и се однесува за седум носители на јавни функции, или просечно по 22. 537 денари по лице, што во споредба со трошокот на Иванов од 120.000 денари е барем петпати помалку.

– Додека актуелните функционери трошат одговорно и домаќински, човекот кој во најголемите кризи не изусти еден збор, денес бесрамно се расфрла со државни пари – велат од СДСМ за доскорешниот шеф на државата.

Според претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, канцелариите на Иванов во „Џевахир скај сити“ во Аеродром се спорни и поради тоа што се избрани во нетранспарентна постапка и се најмени од блиско лице. Сепак, од СОЗР на Владата велат дека не се во можност да ги „преселат“ Иванов и Црвенковски и да им доделат нови канцеларии во простории што се во сопственост на државата, затоа што така би постапиле спротивно на Законот за правата на претседателот по завршувањето на мандатот и би ризикувале тужби поради прекинување на договорите за закуп.

– Владата постапува во согласност со позитивните законски одредби. Ако има промени во однос на привилегиите на поранешните функционери, Владата ќе ги почитува – велат од оттаму.

Антикорупциската комисија завчера препорача и измени во Законот за правата на поранешен претседател и неговото семејство, во насока на временско ограничување на привилегиите, по примерот на земјите од регионот. Но за такви измени да дојдат на дневен ред во парламентот потребно е да ги предложи владата или некој од пратениците или група пратеници.

Според информациите, за канцелариите на Црвенковски СОЗР плаќа највисока кирија, по околу три илјади евра месечно, додека најниска е киријата за канцелариите на сопругата на експретседателот Трајковски – по околу 1.500 евра месечно. Нејзините канцеларии се во зградата на некогашен ЗОИЛ, исто така во централното подрачје на Скопје, но таму нема вработени. Затоа, пак, семејството на Трајковски има дополнителни привилегии. Според важечкиот закон, во случај на смрт на претседател за време на мандатот, неговото семејство има и право на: стипендии за школување на децата до 26 години или до завршување на образованието, на сопственост на семејна куќа до 300 квадратни метри; на лично обезбедување; службено возило и возач; службени простории за прием на домашни и странски делегации… (А.М.М.)