Еден починат, 15 исчезнати во ненадејните поплави во Гранд Кањон


– Едно лице загина, а околу 15 лица се водат како исчезнати по ненадејните поплави што зафатија делови од Националниот парк Гранд Кањон во Аризона, соопштија службеници на паркот, пренесува ДПА.

Синоќа беше извлечено телото на 46-годишен маж од реката Колорадо во близина на Кристал Рапидс, соопшти Службата за национални паркови (NPS) на социјалните медиуми. Не беа објавени дополнителни детали за инцидентот.

Службата апелираше до јавноста за информации за планинарите и посетителите кои беа во погодената област кога во саботата по серијата бури кањонот Брајт Ангел и областа Фантом Ранч беа погодени од „значајната ненадејна поплава“.

Службениците првично изјавија дека повеќе од 20 лица се водат како исчезнати или не присутни.

Поплавите предизвикаа значителна штета во делови од Националниот парк Гранд Кањон, вклучително и уништување на пешачки мостови и патеки за пешачење, како и оштетување на кампови, се наведува во извештаите на американските медиуми.

До утринава од Фантом Ранч и долната патека Северн Каибаб се евакуирани 62 лица, а се планирани понатамошни евакуации. Засега нема пријави за повредени лица, додава ДПА.

Големиот Кањон, издлабен од реката Колорадо во текот на милиони години, е еден од најпознатите природни обележја на САД и привлекува милиони посетители секоја година.

Поплавите, исто така, ги оштетија водоводните цевки, што од денеска доведе до строги мерки за заштеда на водата во популарниот Јужен раб на паркот. Некои хотелски сместувачки капацитети нема да бидат достапни, а неколку кампови и патеки за пешачење ќе останат затворени, пренесе германската агенција.